„Бугарската православна црква ќе мора да ја признае македонската како една од многуте православни цркви во светот, а не како единствената со која има директно заедничко историско минато“.
Ова е став на црковниот аналитичар и историчар д-р Горан Благоев кој оценува дека речиси никој во православниот свет нема да биде импресиониран од претензиите на Бугарија за името Охридска архиепископија.
Тој смета дека во последните години Бугарската православна црква се покажала со многу низок авторитет во семејството на православните цркви и ако Светиот синод на БПЦ сметал дека имало причина, можел итно да реагира со порака до сите помесни православни цркви, да ги бранат своите историски права на ова име.
„Во црквата, како и во политиката, работите не се случуваат секогаш како што сакаме“ – вели Благоев.
Според него, она што се случи со МПЦ е очекувано, особено откако Бугарската православна црква во 2019 година одби да се заложи да го поддржи решавањето на македонскиот црковен случај.