Македонскиот претседател Стево Пендаровски телефонски разговараше со поглаварот на Српската православна црква – патријархот г. г. Порфириј, по повод донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Пендаровски му се заблагодарил на патријархот за одлуката, оценувајќи ја како можност за градење нови релации меѓу македонската и српската православна црква и надминување на горчливите теми од минатото.
„Во разговорот, претседателот Пендаровски изрази надеж дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска Архепископија ќе заврши со скоро потпишување на Томосот од Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество“ – се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет.