Парламентот во Словенија денеска ќе гласа по предлогот за назначување на Роберт Голоб за мандатар на новата влада. Ова е прв чекор кон формирањето на извршната власт во земјата по изборите одржани на 24. април.
Голоб вчера го потпиша однапред усогласениот коалициски договор меѓу неговата партија „Движење Слобода“ со Социјалдемократите на Тања Фајон и Левицата на Лука Месец, изјавувајќи дека предвидените процедури за формирање и почетокот на работата на новата влада ќе бидат завршени веќе наредната седмица.
По потпишувањето на коалицискиот договор Голоб рече дека брзо биле усогласени целите на работењето на новиот кабинет, но посочи дека со оглед на брзите промени на околностите во иднина ќе биде неопходно постојано прилагодување.
„Знаеме каде сме и каде сакаме да одиме, ќе реагираме на околностите“, рече идниот премиер.
Се очекува Голоб на собраниската седница да каже повеќе за акцискиот план на идната влада.
Новата коалиција смета дека ќе бидат потребни два мандата за да се исполнат сите цели на нивниот договор.