Историски чин се случи денеска во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје откако српскиот патријарх Порфириј даде предлог Македонската православна црква да стане автокефална и да биде примена во редот на признати Православни цркви.
На денешната заедничка лутургија со архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан по повод 24 мај српскиот патријарх рече дека се исполнети сите услови МПЦ да биде предложена за автокефална црква.
На заедничката литургија учествуваа великодостоинствениците на двете Цркви. Од српската страна беа митрополитот црногорски и приморски Јоаникије, епископот сремски Василиј, епископот бачки Иринеј, зворничко-тузланскиот Фотије и крушевачкиот Давид.
Од македонските владици учествуваа Дебарско-кичевскиот владика Тимотеј, Преспанско-пелагониски Петар, Повардарски Агатангел. Кумановско-осоговски Јосиф, епископот брегалнички Иларион и други.
На оваа посета на поглаварот на СПЦ Порфириј и претходеше заедничката архијерејска литургија на помирување што се одржа на 19-ти месецов во Соборниот храм „Свети Сава“ во Белград, а со која чиноначалствуваа патријархот Порфириј и архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан. Со литургијата беше потврдено надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење.
Денешната заедничка литургија следи откако вчера во Белград заврши Соборот на Српската православна црква, кој на 16 мај го потврди статусот на најширока можна автономија за МПЦ-ОА, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година.
Веста за заедничката литургија на МПЦ-ОА и СПЦ во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје за одобрувањето и благослов на српскиот патријарх Порфириј за афтокефалност на МПЦ-ОА е објавена и на официјалниот сајт на СПЦ, а се најде и во ударните наслови во сите српски медиуми.
Медиумите ја пренесоа и реакцијата на претседателот Стево Пендаровски, кој денеска соопшти дека во Давос имал кратка средба со српскиот претседател Александар Вучиќ и дека двајцата лидери ја поздравиле одлуката на Српската православна црква да ја признае автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ -ОА) како „чекор во вистинска насока.“