
ДУИ: Сопругата на шефот на кабинет на Меџити добила 18.000 евра од Агенцијата за филм
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска алармираше за, како што го нарекоа, невиден скандал и пример за непотизам, обвинувајќи дека Агенцијата за филм ѝ доделила 18.000 евра на Јехона Ајдини, сопруга на Халил Лумјани, шефот на кабинетот на вицепремиерот Изет Меџити.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска алармираше за, како што го нарекоа, невиден скандал и пример за непотизам, обвинувајќи дека Агенцијата за филм ѝ доделила 18.000 евра на Јехона Ајдини, сопруга на Халил Лумјани, шефот на кабинетот на вицепремиерот Изет Меџити.
Според ДУИ, станува збор за млада режисерка без професионално искуство, чиј единствен проект е студентски краток филм.
„Ова е директен удар врз културата и врз албанските уметници. Додека сериозни албански режисери со долгогодишна работа и меѓународно искуство се игнорираат, блиските до Меџити добиваат пари. Ова е понижување за албанската културна заедница“, изјави на прес-конференција Албана Мустафа од ДУИ.
Од партијата посочуваат и на, според нив, несразмерна распределба на средствата. Од над 650 илјади евра распределени оваа година, тие тврдат дека албанските автори добиле само 128 илјади, при што биле одбиени четири проекти за долгометражен филм од докажани албански режисери. За споредба, како што велат, еден македонски режисер добил 309 илјади евра за само еден проект.
Скандалот, според ДУИ, се продлабочува со партиските влијанија во Управниот одбор на Агенцијата.
„Во Управниот одбор седат Шкелќим Ислами, внук на организацискиот секретар на Алтернатива, и Менсур Алити од БЕСА. Агенцијата за филм е претворена во партиска филијала на ВЛЕН и блиските до Изет Меџити. Јавно прашуваме: дали ова е визијата на Меџити за албанската култура?“, истакна Мустафа.
Поради овие наводи, ДУИ бара итна транспарентност, објавување на сите одлуки со образложенија од комисиите, како и оставка од сите одговорни лица во Агенцијата за филм.
„Културата не е приватна сопственост. Таа им припаѓа на сите граѓани и ние нема да дозволиме повеќе да биде злоупотребувана на ваков начин“, заклучи Мустафа.