
Хрватскиот претседател повика на признавање на палестинската држава
Но, ставовите на претседателот и на Владата по ова прашање не се совпаѓаат. Премиерот Андреј Пленковиќ денеска во разговор со Агхабекјан изјави дека Владата останува посветена на траен мир и безбедност преку решение со две држави, но поддржува политички процес што се води во рамки на Европската Унија и меѓународната заедница.
Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ денеска ја повика Владата да ја покрене во Саборот постапката за признавање на палестинската држава..
– Хрватска треба да ја признае Палестина како чекор кон запирање на војната и хуманитарната катастрофа во Газа. Признавањето на правото на палестинскиот народ на сопствена држава е единствениот начин за воспоставување траен мир на Блискиот Исток, изјави Милановиќ на средбата со шефицата на палестинската дипломатија Варсен Агхабекјан, која е во официјална посета на Загреб.
Милановиќ најави дека, во рамки на своите уставни овластувања, ќе се залага Хрватска што поскоро да ја признае Палестина. Тој најостро ги осуди нападите на израелската армија врз цивили во Газа и најавената воена акција за заземање и окупација на енклавата, оценувајќи дека „ништо не може да ја оправда“.
Според соопштението од неговиот кабинет, Милановиќ ѝ пренел на палестинската министерката дека единствено праведно решение е признавање на постоењето на две држави – Израел и Палестина.
Но, ставовите на претседателот и на Владата по ова прашање не се совпаѓаат. Премиерот Андреј Пленковиќ денеска во разговор со Агхабекјан изјави дека Владата останува посветена на траен мир и безбедност преку решение со две држави, но поддржува политички процес што се води во рамки на Европската Унија и меѓународната заедница.
Како што соопшти Владата, Пленковиќ изразил загриженост за тешката хуманитарна состојба во Газа и побарал итен прекин на огнот, ослободување на сите заложници, заштита на цивилите и непречено доставување помош, особено за децата.
Хрватска досега има доделено околу три милиони евра хуманитарна помош, од кои еден милион преку УНИЦЕФ за децата во Газа. Денеска беше најавена нова донација од еден милион евра.