Вучиќ и Соренсен за продолжување на дијалогот Белград-Приштина
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград се сретна со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Петер Соренсен, со кого разговарал за можностите за продолжување на преговорите за нормализација на односите и за проблемите со кои се соочуваат косовските Срби.

„Важно е дијалогот да се врати на основните принципи, пред сѐ на обврската за формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО), како и заштитата на правата на нашите граѓани во Косово и Метохија“, напиша Вучиќ на Инстаграм.
Тој како пример за загрозени права го наведе решението на косовската Централна изборна комисија да не ја прифати кандидатурата на „Српска листа“ за локалните избори на 12 октомври. По жалба, Изборната служба за жалби и приговори побара од ЦИК да ја потврди кандидатската листа на партијата.
Вучиќ додаде дека Србија е посветена на барање компромис преку дијалог, но и на „решителна и одговорна борба за зачувување на државните и националните интереси“.
Тој подвлече дека само преку взаемна почит, одговорност и целосно спроведување на договореното може да се обезбеди вистинска стабилност во регионот.
Ова е нивна трета средба годинава – првата се одржа во март во Белград, а втората во јуни во Прага, во рамки на форумот за безбедност „Глобсек 2025“.
Соренсен на 1 февруари ја презеде функцијата од Мирослав Лајчак и веќе неколкупати ја посети Приштина. Србија и понатаму не ја признава независноста на Косово, прогласена во 2008 година, а ЕУ посредува во дијалогот меѓу двете страни.