
Постапката за преземање на битолска Стопанска банка запрена поради промена на преземачот
„Стопанска банка“ АД Битола вчера добила известување од Комисијата за хартии од вредност дека се запира постапката за преземање на банката од страна на српската „Алта Груп“ поради промена на преземачот во рамките на истата групација.
„Стопанска банка“ АД Битола вчера добила известување од Комисијата за хартии од вредност дека се запира постапката за преземање на банката од страна на српската „Алта Груп“ поради промена на преземачот во рамките на истата групација.
„Известуваме дека согласно член 22, став 1 од Законот за преземање на акционерски друштва, Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија, на ден 25.8.2025 година заведено под архивски број 02-10332/1 до Стопанска банка а.д. Битола достави Решение УП1 бр.10-54 од 19.8.2025 година, со кое, врз основа на член 1 став 2 од Законот за преземање на акционерски друштва (“Службен весник на Република Македонија„ бр.69/2013, 188/2013, 166/2014, 154/2015, 23/2016 и 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.21/2020) и член 54 став 1 од Законот за општа управна постапка („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.124/2015), постапувајќи по барањето на Алта Гроуп ДОО Белград, Р. Србија за добивање дозвола за понуда за преземање на акционерското друштво Стопанска банка а.д. Битола, на својата седница одржана на ден 19.08.2025 година донела Решение со кое постапката се запира поради промена на преземачот во рамки на истата групација.
Во конкретниот случај, преземачот во Барањето за запирање на постапката истакнал дека останува при намерата за преземање на Стопанска банка а.д. Битола, односно не се откажал од намерата за преземање на Стопанска банка а.д. Битола, туку само врши промена на преземачот во рамките на истата групација“, објавија од банката.
Српската банка „Алта Банка АД Белград“ уште во мај месец ја објави својата намера да упати јавна понуда за целосно преземање на Стопанска банка АД Битола.
Алта банка има намера да ги преземе сите акции, односно на 100 отсто од акционерскиот капитал, а за секоја акција нуди цена од 3.777 денари за акција, што е повеќе од просекот од 3.230 денари за акција според податоците од Македонска берза.
„Известуваме дека Управниот одбор на Стопанска банка а.д. Битола на ден 20.5.2025 година, согласно член 22 став 1 од Законот за преземање на акционерски друштва доби известување од Алта Гроуп ДОО Београд дека има намера да даде понуда за преземање до 100 отсто од обичните акции со право на глас издадени од Стопанска банка а.д. Битола. Понудата за преземање до 100 отсто од обичните акции со право на глас издадени од Стопанска банка а.д. Битола ќе биде дадена по цена од 3.777 денари по акција“, се вели во објавата.
Стопанска банка Битола има издадено вкупно 390.977 акции. Доколку сите акционери ја прифатат понудата, српската Алта банка вкупно ќе треба да плати 24,01 милиони евра за Стопанска банка Битола.
Пред точно една година Комерцијална банка сакаше да ја преземе во целост банката од Битола и нудеше по 3.200 денари за акција, но преземањето не беше поддржано од најголемите мнозински акционери. Доколку трансакцијата се реализираше, за сите акции ќе беа платени 20,34 милиони евра.