
Членката на Државната изборна комисија (ДИК), Дитмире Шеху потврди дека денеска поднела тужба до Управниот суд во врска со упатството што го изгласа ДИК за бројот на општински советници.
Оваа тужба доаѓа откако Владата ја испрати одлуката за бројот на советници до ДИК иако ова прашање е регулирано со Законот за локална самоуправа. Како резултат на тоа, во 14 општини ќе биде намален бројот на советници.
Шеху првично на седница побара упатството да се донесе со консензус, повикувајќи се на одредбите од Изборниот законик, додека тогаш таа беше единствената што се изјасни против оваа одлука, која сепак беше донесена со пет гласа „за“ и еден „против“. Управниот суд на Шеху треба да одговара најдоцна во рок од 48 часа.
Одлуката на Владата, пак, произлезе од Пописот на населението во 2021 година. Во септември минатата година, Владата донесе одлука за зголемување на бројот на општински советници во Кисела Вода, Карпош и Студеничани и намалување на бројот на советници во 14 општини, вклучувајќи ги Гостивар, Кичево, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Пехчево, Струга, Врапчиште, Дебарца, Желино, Јегуновце, Ново Село, Теарце и Центар Жупа. Најголемо намалување ќе претрпе Општина Гостивар, каде што од 31 советник, бројот се намали на 23. Според пописот од 2002 година, Општина Гостивар имаше 80 илјади жители, но во 2021 година бројот се намалил на 60 илјади жители како резултат на поделбата на резидентно и нерезидентно население.
Против одлуката на ДИК жалба до Уставниот суд најавија и од опозициската ДУИ. Според нив, одлуката е неуставна, а целта е етничка мајоризација и исклучување на Албанците од донесувањето одлуки. Додека, пак, од ВЛЕН посочуваат дека ДУИ е главната причина за овие, како што велат, неправди откако дозволи поделба на граѓаните на резиденти и нерезиденти во пописот од 2021 година.