
Движењето ЗНАМ е многу блиску до договор со владејачката ВМРО-ДПМНЕ за заемна соработка и поддршка во општините Куманово и Центар, изјави денеска на прес-конференција портпаролот на партијата Никола Мемов.
Тој додаде и дека се преговара и се прават проценки за заемна поддршка и за некои други помали општини низ целата држава.
Претходно, на денешната прес-конференција Мемов го обвини политичарот Мартин Костоски за лажен патриотизам и за непотизам.
– Овој човек ја започнува својата кариера со седење во кабинетот на побратимот Зоран Давидовски – Циц, градоначалник на Куманово. Костовски преку ноќ станува пратеник во Собранието на Република Македонија, а потоа и директор на Јавното претпријатие Службен весник. Наместо да го почитува Уставот, тој стана алатка за негово уривање. Истовремено, Костовски објави Закон за употреба на јазиците без потпис на Претседателот на државата, што претставува директно кршење на Уставот и тешко кривично дело – злосторничко здружување и напад врз уставниот поредок на државата. Истиот човек ја легализираше капитулацијата на Македонија преку објавување на таканаречениот Преспански договор повторно, без потпис на Претседателот, спротивно на законот. Овој е лажен патриот – гласен само кога треба да се продадат националните интереси, молчи кога треба да се зборува за криминал, сиромаштија, невработеност и за понижување на македонскиот народ – рече Мемов.