
Мицкоски: Криминалното и коруптивно ДУИ сè уште живее во минатиот век
Погрешна е тезата на ДУИ дека ако тие не се во Владата, тоа значи етничка поларизација – премиерот Христијан Мицкоски на овој начин ги толкува пораките на Демократската унија за интеграција, кои следуваа по неговите обвинувања кон опозицијата за таен план и сценарио за хаос на изборите.
Погрешна е тезата на ДУИ дека ако тие не се во Владата, тоа значи етничка поларизација – премиерот Христијан Мицкоски на овој начин ги толкува пораките на Демократската унија за интеграција, кои следуваа по неговите обвинувања кон опозицијата за таен план и сценарио за хаос на изборите. Од трибината на ВМРО-ДПМНЕ која се одржува втор ден под слоганот „Четири години работа за тебе“, Мицкоски ги отфрли како „неконструктивни“ пораките на ДУИ.
„Пораки коишто припаѓаат на минатиот век, на раните 90-ти години и навистина жалам што нереформираното, криминално и коруптивно ДУИ сè уште живее во тие години, и сѐ уште мисли дека со таков тип на пораки ќе придобие симпатии во јавноста, мислејќи дека ако се радикализира, на тој начин ќе добијат симпатии“, рече Мицкоски.
Тој наведе примери каде Владата прифатила проекти на градоначалници на општини предводени од ДУИ, посочувајќи дека такво нешто не се случувало за време на претходното владеење – централната власт да финансира проекти на градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во Кичево градоначалник е Фатмир Дехари од ДУИ, во првиот повик скоро 56 милиони денари, проекти финансирани од оваа Влада, во вториот повик скоро 330 милиони денари, или вкупно 385 милиони денари за 16 проекти, тоа е повеќе од 6 милиони евра. Струга на пример, градоначалник е од ДУИ господинот Рамиз Мерко којшто е на листата на санкции на САД, во првиот повик има еден проект којшто е околу 135 милиони денари, вториот повик има 5 проекти вредни 307 милиони денари или вкупно 443 милиони денари. Сарај – во вториот повик имаме 5 проекти од близу 320 милиони денари, коишто оваа Влада ги обезбедила за општина во којашто градоначалник е од редовите на ДУИ“, додаде Мицкоски.
Мицкоски уште еднаш ја повтори тезата дека улогата на ДУИ во Владата се поистоветува со криминал, неработа, неспособност и корупција.
Одговорот на Мицкоски следува по соопштението од ДУИ, но и обраќањето на потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, кој обвини дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, со полн интензитет ја спроведува политиката која треба да ги отстрани Албанците од општествените текови, враќајќи ги на нивните периферни позиции од пред Рамковниот договор.