
ВМРО-ДПМНЕ го жртвуваше Скопје за да се пресметува со Арсовска, вели Шукова
- Наместо да управуваат одговорно, го жртвуваа Скопје за да се пресметуваат со градоначалничката што прво ја поддржаа, а потоа ја отфрлија. Денес секој булевар, секоја улица, секое маало сведочи за нивниот неуспех, вели Шукова.
Кандидатката на СДСМ за градоначалник на Скопје, Каја Шукова, вели дека на локалните избори главниот град мора да добие вистинска промена, затоа што Скопје е град за живеење, а не партиска каса за богатење.
На прес-конференција таа денес изјави:
„Нашиот град никогаш не бил толку далеку од своите граѓани. Ова се случува секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ владее со градот. Тие го претвораат градот во свој партиски вилает за да ги спроведуваат партиските агенди. Го претворија Скопје во заложник на нивните расправии и интереси сега, а во следните четири години ќе го претворат во поле за лични и партиски профити.
-Наместо да управуваат одговорно, го жртвуваа Скопје за да се пресметуваат со градоначалничката што прво ја поддржаа, а потоа ја отфрлија. Денес секој булевар, секоја улица, секое маало сведочи за нивниот неуспех. И тоа ние, скопјани, нема да го дозволиме повторно“.
Таа рече дека скопјани очекуваат градоначалник со визија и план, без лажни ветувања и хартиени мегапроекти.
„Додека Скопје се дави во урбанистички хаос, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, отворено го брани криминалното дивоградителство во Чаир. Наместо одговорност и решение, гледаме позирање со коалициските партнери од ВЛЕН – истите што го создадоа овој урбанистички хаос.
Иста е сликата и во Кисела Вода под водство на Ѓорѓиевски: сомнителни тендери, исчезнато зеленило, планови креирани за бизнис-елити, а не за граѓани“, рече Шукова.