(Видео) Две деца тешко повредени во тепачка на натпреварот Брeгалница-Шкупи

Како што јавуваат штипските медиуми до инцидентот дошло кога родители на децата од гостинскиот клуб влегле во теренот и почнале да ги тепаат играчите на Брегалница.

Тежок инцидент се случи денеска во Штип по натпреварот на младинските екипи (генерација 2009-2010) на Брегалница и Шкупи од Чаир.

Според информациите на локалните медиуми, инцидентот настанал во последната минута од мечот, по прекршок меѓу двајца млади фудбалери. Дел од гостинската публика, односно родители на играчите на Шкупи, влегле на теренот и физички нападнале двајца играчи на Брегалница. Еден од напаѓачите, како што се наведува, со клоци ги удирал младите фудбалери.

Неофицијално, две деца се тешко повредени, од кои едното има скршена нога, а другото повреди на главата.

Откако децата биле нападнати, на теренот влета и дел од домашната публика, по што настанала масовна тепачка. Полицијата интервенирала веднаш и го привела главниот напаѓач, против кого ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Инцидентот се случи при резултат 2:1 во корист на Брегалница.

Домашната управа побарала Фудбалската федерација на Македонија да преземе строги мерки против ваквите влетувања на луѓе на теренот и да спречи повторување на слични ситуации, со цел младите спортисти да не бидат изложени на насилство и негативни примери.