Во Ерменија протест и контрапротест за руската воена база

Стотици луѓе вчера протестираа пред руската база во Ерменија, барајќи нејзино повлекување од поранешната советска република, а во исто време десетици луѓе пружаа поддршка на руското воено присуство во земјата

Стотици луѓе вчера протестираа пред руската база во Ерменија, барајќи нејзино повлекување од поранешната советска република, а во исто време десетици луѓе пружаа поддршка на руското воено присуство во земјата.

Руската воена база од 1995 година се наоѓа во Ѓумри, 122 километри северно од главниот град Ереван.

Протестите ги организираше прозападната партија Во име на Републиката, а демонстрантите носеа транспаренти на кои пишуваше „Ерменија без руски чизми“ и „Само ерменски војници за Ерменија“.

Еден од организаторите на протестот, Арман Бабаџанјан истакна дека руската база не осигурува безбедност туку создава внатрешна закана.

Истовремено движењето Мајка Ерменија пред базата Ѓумри собра десетици поддржувачи на руското воено присуство во земјата.

Според руско-ерменскиот договор, базата треба да продолжи да работи до 2044 година. Таа ја гарантира независноста и безбедноста на Ерменија, а оние кои се против неа ја загрозуваат безбедноста и независноста на земјата, изјави еден од организаторите на контра-митингот, Манук Сукјасјан.

Односите меѓу Москва и Ереван се тензични откако Азербејџан воено ја врати спорната енклава Нагорно-Карабах во 2023 година, која беше контролирана од ерменските сепаратисти од 90-тите години од минатиот век.

Ерменија ја обвинува Москва дека не ја поддржува и го замрзна своето учество во Организацијата на договорот за колективна безбедност (ОДКС), воен сојуз меѓу поранешните советски републики под покровителство на Русија.