
Разрешен шефот на Агенцијата за воено разузнавање на САД
- Смената на уште еден висок функционер за национална безбедност ја истакнува опасната навика на администрацијата на Трамп да ги подложува разузнавачките информации на тест за лојалност, а не како алатка за заштита на нашата земја, изјави сенаторот Ворнер.
Шефот на Агенцијата за воено разузнавање на САД (ДИА), генерал-потполковник Џефри Круз, е разрешен од должноста, објави потпретседателот на Комитетот за разузнавање на Сенатот, Марк Ворнер.
– Смената на уште еден висок функционер за национална безбедност ја истакнува опасната навика на администрацијата на Трамп да ги подложува разузнавачките информации на тест за лојалност, а не како алатка за заштита на нашата земја, изјави сенаторот Ворнер.
ДИА и Пентагон сè уште не ја коментираа веста за отпуштањето.
Критичарите на Трамп и дел од медиумите ова го оценуваат како нов обид да се казнат сегашни и поранешните воени, разузнавачки и полициски службеници чии ставови се разликуваат од оние на републиканскиот претседател.
Причините за отпуштањето на Круз не се посочени, но неодамна во медиумите протече прелиминарна проценка од Агенцијата за воено разузнавање, дека американските воздушни напади врз три ирански нуклеарни локации на 22 јуни само ја одложиле програмата на Техеран за неколку месеци. Ова е спротивно на тврдењето на Трамп дека целите биле „уништени“.
Белата куќа ја осуди проценката како „тотално погрешна“, а Трамп ги нападна Си Ен ЕН, Њујорк Тајмс и другите медиуми што ги објавија информациите, нарекувајќи ги „наркомани“ и „пренесувачи на лажни вести“.
Во април, Трамп го отстрани генералот Тимоти Хау од функцијата директор на Националната агенција за безбедност (NSA) во чистка што засегна повеќе од десетина членови на Националниот совет за безбедност на Белата куќа. Администрацијата на Трамп вели дека широката чистка на воениот, разузнавачкиот и дипломатскиот персонал е дел од напорите за намалување на владиниот персонал, намалување на федералниот буџет и сузбивање на она што го опишува како „политизација“ или „злоупотреба на разузнавањето“.
Пред само неколку дена, директорката на националното разузнавање, Тулси Габард, објави дека го поништува пристапот до класифицирани информации за 37 сегашни и поранешни разузнавачки службеници. Порано оваа недела, Габард објави дека повеќе од 40% од персоналот во нејзината агенција ќе биде намален почнувајќи од 1 октомври, додавајќи дека намалувањата ќе заштедат повеќе од 700 милиони долари годишно.