
Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Клековски, упати апел до можните оштетени граѓани во кардиохирургијата и до сите други пациенти да поднесат жалби.
Изјавата на Клековски доаѓа откако кардиохирургот, Сашко Кедев пред неколку дена изјави дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и стентирања и операции, по што Министерството за здравство најави формирање комисија со експерти од три различни земји за проверка на работењето во приватните здравствени институции, но и продолжување на контролите во јавните здравствени установи кои се занимаваат со истата проблематика.
-Апел до можните оштетени во Кардиохирургија и до сите други пациенти службено да се жалат. Да се жалите, без да се пожалат ништо нема да се реши. Да, се жалат до вас, но вие не сте службена институција за постапување.
Нас ни требаат конкретни случаи, бидејќи сега има илјадници стентирани луѓе и ќе биде повеќегодишна работа ако тргнеме да проверуваме досие по досие. Апелирам секој еден граѓанин што е оштетен или мисли дека е оштетен со своите аргументи да поднесе претставка. Јас одговорно тврдам дека ќе ја истражиме и ќе одговориме – рече Клековски на Канал 5.
Тој нагласи дека Фондот нема склучено договори со „Жан Митрев“ и „Систина“ за стентирање.
-Кога еден врвен експерт како доктор Кедев ќе изнесе такви тврдења, секако треба да се обрне повеќе внимание, што не значи дека не се водат соодветни контроли и без такви изјави. Во ФЗО имаме договор со јавни и приватни здравствени установи исклучиво во полето на кардиохирургијата, не во полето на кардиологија.
Кардиологија, границата интервентна кардиологија е она што популарно го нарекуваат стентирање, се работи на Клиниката во Скопје, во Клиничката болница во Тетово, во Битола, во Штип, во Специјалната болница во Охрид, и спрема нашите сознанија тие капацитети за интервентна кардиологија или стентирање се доволни.
Поради тоа, ние немаме договори за стентирање со „Жан Митрев“ и „Систина“, две други приватни болници каде што овој зафат се врши. Стентирањето многу често е итно, односно во случај на срцеви проблеми или прегледи да треба во моментот да се направи. Додека, друг тип на интервенции се елективни кои можат да се закажуваат или договараат во друго време – рече тој.