
Христодулидис и Штокер ја истакнаа потребата за повторно обединување на Кипар
- Ја изразив мојата длабока благодарност за долгогодишната поддршка на Австрија за нашите напори за ставање крај на турската окупација и повторно обединување на Кипар, секогаш врз основа на рамката на ОН и принципите и вредностите на ЕУ, посочи Христодулидис.
На идентичните ставови на Кипар и Австрија во многу области денеска се осврнаа претседателот на државата Никос Христодулидис и канцеларот на Австрија, Кристијан Штокер по нивната средба во Претседателската палата, информираа од кабинетот на кипарскиот претседател, јави дописничката на МИА од Атина.
Австрискиот канцелар од вчера е во дводневна официјална посета на Кипар, а по средбата со кипарскиот претседател на заедничката прес-конференција изразија волја за продлабочување на билатералните односи во низа области, а разговарале за миграцијата, ситуацијата на Блискиот Исток и во Украина, претстојното претседателство на Кипар со ЕУ, но и за кипарското прашање за кое и Христодулидис и Штокер ја истакнаа потребата за одново обединување на Кипар.
– Австрија е поддржувач на Кипар и во прашањето на неговото повторно обединување. Ние, од 1964 година сме присутни овде во однос на мировните сили, како знак на солидарност, посочи Штокер.
– Ја изразив мојата длабока благодарност за долгогодишната поддршка на Австрија за нашите напори за ставање крај на турската окупација и повторно обединување на Кипар, секогаш врз основа на рамката на ОН и принципите и вредностите на ЕУ, посочи Христодулидис.
Тој дополнително нагласи дека Австрија е вреден и кредибилен партнер во рамките на Европската Унија и со Кипар споделуваат „заеднички верувања и пристапи во однос на прашањата што ја засегаат ЕУ, но и општо на иднината на Европа“.
– Во пресрет на кипарското претседателство со Советот на ЕУ во првата половина од 2026 година, разменивме мислења за приоритетите на нашето претседателство, како и за прашањата од особен интерес за двете земји, но и за ЕУ како целина, како што се миграцијата, проширувањето, конкурентноста и енергетиката. И драго ми е затоа што ова се прашања за кои ставовите и позициите на Кипар и Австрија во голема мера се поклопуваат, истакна Христодулидис и додаде дека разговарале и за тековниот процес за Кипар да стане полноправна членка на Шенген зоната.
Австрискиот канцелар ја истакна поддршката во овој процес и изрази подготвеност да го му помогне на Кипар со експертиза и специјализиран персонал.
– Денешните разговори ни покажаа дека сме на иста бранова должина, ќе продолжиме многу добрите билатерални односи и убеден сум дека кипарското претседателство со ЕУ ќе биде многу решително и успешно, нагласи Штокер.