Сиљановска Давкова: Поетите го менувале и сѐ уште можат да го менуваат светот

Поетите го менувале и сѐ уште можат да го менуваат светот, градејќи вечни поетски мостови од неуништливи материјали: мислата и зборот, проткаени со ум и чувства, заклучи вечерва претседателката Гордана Сиљановска Давкова, прогласувајќи ги за отворени 64-те Струшки вечери на поезијата.

Поетите го менувале и сѐ уште можат да го менуваат светот, градејќи вечни поетски мостови од неуништливи материјали: мислата и зборот, проткаени со ум и чувства, заклучи вечерва претседателката Гордана Сиљановска Давкова, прогласувајќи ги за отворени 64-те Струшки вечери на поезијата.

Во обраќањето на манифестацијата, чиј годинашен покровител е, пред поетите, но и бројните критичари, преведувачи, литературни соработници и љубители на поезијата, од, како што рече, македонската и светска престолнина на поезијата, изрази надеж дека по 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата, Струга, но и светот ќе бидат поинакви.

Според неа, живиот збор беше и остана моќно и делотворно оружје.

-Речта може да нѐ соочи со вистината, да ни ја разбуди совеста, да ни ја поттикне хуманоста, да ни ги исцели раните, да ни ја ослободи имагинацијата, а со тоа, поттикнувајќи активност, да ја промени реалноста. Живиот збор, поетскиот збор, учи, преобразува. Во него лежи и од него извира силата на поетската република, на Струшките вечери на поезијата, нагласи претседателката на државата.

За оние кои не веруваат во силата на зборот, ги потсети дека на почетокот беше речта, а потоа забранетите книги.

-Меѓу нив е и АБЕЦЕДАРОТ, издаден во 1925 година, пред 100 години, во Атина, под притисок на Лигата на народите, којшто бил веднаш запленет и уништен, токму поради моќта на зборовите да го оживеат македонскиот јазик и идентитет кај децата – Македонци. Или, сетете се на браќата Миладиновци, но и на другите преродбеници, коишто самопрегорно ги собирале и ги запишувале народните зборови, песни, обичаи, гатанки и приказни за да ги зачуваат од заборав и исчезнување. Ако зборовите немаат моќ, зошто моќниците од секоја историска епоха се обидувале да ги контролираат нив и нивните творци, од Овидиј, па до Лорка, подвлече Сиљановска Давкова.

Струшката поетска приказна, според неа, е најдобриот пример и модел на Делчевиот културен натпревар меѓу народите, особено, како што потенцира, актуелен во ова ужасно конфликтно и воено време.

Претседателката се наврати на историјатот на создавање на Струшките вечери на поезијата во далечната 1961 година, кога група македонски поети се собрале во Струга, за да ја одбележат 100-годишнината од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци. Покрај традиционалните настани, го поздрави и враќањето на најважните белези на Струшките вечери на поезијата: читањето кај споменикот на „Свети Климент“ во Охрид, поетското пловење и рецитирање во Свети Наум и поетското матине во дворот на црквата „Света Богородица Перивлепта“.