Одлуката на УНЕСКО за статусот на Охридскиот регион да се сфати како обврска, а не како одложување, вели Љутков

- Наша обврска е до 1 февруари заедно со Република Албанија да доставиме извештаи за напредокот во заштитата на Охридскиот регион. Тоа е предизвик, но и можност да се покаже подготвеност дека може да се делува кога се работи за национален интерес, рече тој.

Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО со која на Македонија и на Албанија и беше даден рок до идната година да преземе активности за одбрана на статусот на Охридскиот регион како светско културно и природно наследство, не смее да се сфати како одложување туку како обврска за забрзана акција.

Тоа денеска од Охрид го истакна министерот за култура и туризам , Зоран Љутков, по денешниот состанок на Националната комисија на УНЕСКО.

Љутков кој е и претседател на Комисијата посочи дека веднаш по усвојувањето на одлуката на Комисијата на УНЕСКО на ниво на Влада биле донесени заклучоци за постапување по препораките на Комитетот на УНЕСКО, за кои истакна дека во фаза имплементација.

– Уште во јули Владата ги задолжи министерствата за транспорт и врски, за животна средина и просторно планирање, за култура и туризам, како и надлежните во општините Охрид, Струга и Дебрца да изготват и достават до Владата предлог-закон за изменување на Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, рече тој.

Притоа е побарано да се разгледа и Планот за справување со предизвиците со кои се соочува Регионот, особено во делот на урбанизацијата и бесправно изградени објекти, и притоа да се предложат измени и соодветни законски акти за интензивна работа во исполнување на препораките на УНЕСКО.

– Наша обврска е до 1 февруари заедно со Република Албанија да доставиме извештаи за напредокот во заштитата на Охридскиот регион. Тоа е предизвик, но и можност да се покаже подготвеност дека може да се делува кога се работи за национален интерес, рече тој.

На денешниот состанок на Националната комисија на УНЕСКО се донесени и конкретни заклучоци во насока на брзо делување во сите сегменти, со конкретна временска рамка за сите предвидени активности, за што дополнително ќе биде информирана и Владата и јавноста.

– Тука од Охрид испраќаме јасна порака дека секој орган и секоја институција во најбрз можен рок без одложување ќе ги преземе сите активности во рамки на своите надлежности, бидејќи само со заедичка, координирана акција ќе покажеме конкретен и видлив напредок и ќе го заштитиме Охридскиот регион, рече Љутков.

Тој уште рече дека им е наложено на сите институции, како на национално така и на локално ниво, без исклучок да постспиваат по препораките на Комисијата н УНЕСКО од 47-та сесија одржана во Париз, укажувајќи на прпустите во изминатиот период на постапување без соодветна меѓуинституционална координација…

– Овој состанок беше во насока на одредување задачи и отврдување тела и поединци  кои ќе бидат постојано достапни и 24/7 ќе работата на проблематиката. Тоа ќе биде предизвик, секако, но ќе треба да се фокусираме на препораките. Тоа ќе биде тежок период бидејќи доаѓа и време на избори, но верувам дека ќе можеме со конкретни мерки  и координација да го забрзаме целиот процес и до крајот на 2025 година да имаме резултати, рече тој.

На Годишната сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО одржан во јуни во Париз беше донесена одлука да биде одложено впишувањето на Охридскиот регион на Листата на светски културни и историски наследства во опасност.

На тој начин Охрид и државата по трет пат добија уште една година да спроведат низа препораки и задолженија за задржувње на статусот, за што ќе треба до УНЕСКО да достават извештај до 1 февруари наредната година.

Инаку, во нацрт-одлуката за статусот на Охридскиот регион беа посочени забелешките наведени во реактивната мониторинг мисија од минатата година, во која се потврдени наодите од претходните мисии, со заклучок дека кумулативните и тековните влијанија – вклучувајќи го тука урбаниот развој, недостатоците во просторното планирање, несоодветните интервенции, еутрофикација на езерото, големите инфраструктурни и други проекти – предизвикале сериозно нарушување на клучните атрибути на заптитеното подрачје, што довело до неповратна деградација.

Дел од експертите отворено го поддржуваа поместувањето на регионот на Листата светски наследства во опасност со уверување дека тоа е вистинскиот начин да се натераат државата, институциите, општините засилено да се ангажираат кон исполнување на препораките за надминување на проблемите што впрочем и доведоа до сегашната состојба.