Ивановска: Кривичната е од лице за кое е спорно што ДКСК објавило во јавност дека е отворен предмет за него

- Јас денеска на средба со обвинителката појаснив на кој начин ДКСК ги оформува предметите. Тоа е една широка лепеза на можности кои ни ги дава законот, се оформуваат предмети по сопствена иницијатива, по допрен глас, по ваши истражувања, по пријава од приватни физички лица, по пријави на веб порталот. Во конкретниот случај бил отворен предмет по сопствена иницијатива и тоа иницијатива на член на Комисијата. Предметот се работел и на крај завршил без некакви наоди, рече Ивановска.

Поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, која сега е кандидатка за општина Центар од „Независни заедно“, била пријавена во Јавното обвинителство за несовесно работење, односно за предмет што го отворила Комисијата, начинот на кој бил отворен предметот, но и споделувањето на информациите за него во јавноста.

Ивановска вчера дојде во скопското Обвинителство со својот адвокат Драган Малиновски, исто така поранешен антикорупционер, да даде исказ пред обвинителката Адела Бојчевиќ за овој случај, а поканата за распит од полицијата ѝ беше доставена 11 часа откако ја објави нејзината кандидатура.

Таа не откри за кој предмет станува збор и кој бил пријавителот, но од она што можеше да се сфати од нејзината изјава биле спорни информациите кои се давале во јавноста, некои новинарски пишувања за тој предмет, за кои како што вели Ивановска, тие не ги контролираат. Предметот всушност бил отворен по пријава на член на Комисијата и бил затворен без никакви наоди и сомнежи.

– Јас бев повикана да дојдам во Јавното обвинителство поради тоа што сум добила кривична пријава за несовесно работење по членот 353 В. Дојдов и објаснив на обвинителката всушност за што станува збор. Обвинета сум всушност дека наводно начинот на којшто ние сме ги отворале предметите во ДКСК и споделувањето на информациите во јавноста било спорно за пријавителот.

Јас денеска на средба со обвинителката појаснив на кој начин ДКСК ги оформува предметите. Тоа е една широка лепеза на можности кои ни ги дава законот, се оформуваат предмети по сопствена иницијатива, по допрен глас, по ваши истражувања, по пријава од приватни физички лица, по пријави на веб порталот. Во конкретниот случај бил отворен предмет по сопствена иницијатива и тоа иницијатива на член на Комисијата. Предметот се работел и на крај завршил без некакви наоди.

Постапката е завршена без никакви сомнежи, но она што било спорно за прикажувачот е начинот на кој ние сме комуницирале со јавноста, а вие знаете дека бевме премногу транспарентни. Ги споделуваме предметите и информациите, тајмингот кога сме известиле дека има предмет отворено за конкретниот случај и не можам да кажам дека токму во тој момент сме дале некакви искази заради тоа што се што било напишано по порталите. Тоа е начин на изразување на новинарите – изјави Ивановска по распитот.

Пријавата била само против неае, бидејќи таа како претседател ги потпишувала одлуките кои се носат колективно.

За сомнежите за политичко влијание, Ивановска рече дека мислењето на јавноста за ефикасноста на Обвинителството е ниска и остава простор за сомнеж кај сите граѓани.

– Ако јавното обвинителство постапувало ревносно и за кратко време ги доставувало пријавите кај што треба, тогаш никој немало да се посомнева. Од тука произлегуваат сомнежите. Мене ми е прашањето дали сите пријави кои биле архивирани на 25.7 биле доставени на 14.8 кај тие што требало да ги примат и тоа од страна на полиција – праша Ивановска.

Откако таа објави дека добила покана, Обвинителството излезе со информации дека постапувало по приватна кривична пријава поднесена уште во февруари.

-Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18.2.2025 година и презема дејствија за да ги провери наводите. Како едно од дејствијата е испитување на наведеното лице кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на ДКСК. Поканата за испитување од обвинителството е испратена на 25.7.2025 година и на ниту еден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата – рекоа од Обвинителството.

Ивановска не ја прифати понудат на Обвинителството да даде исказ по изборите. Таа оди во политичка битка за Центар, додека нејзината наследничка Татјана Димитровска стана осомничена, а Комисијата сега е без претседател.