
Шукова најавува враќање на проектот БРТ, ветува Луна парк во Скопје, но и борба против аерозагадувањето
За градоначалничка на Скопје во партијата се само кандидирала бидејќи смета дека со искуството што го има зад себе може да го врати градот таму каде што треба да биде, вели во интервју за државната МИА кандидатката на СДСМ за градоначалник на главниот град – Каја Шукова.
За градоначалничка на Скопје во партијата се само кандидирала бидејќи смета дека со искуството што го има зад себе може да го врати градот таму каде што треба да биде, вели во интервју за државната МИА кандидатката на СДСМ за градоначалник на главниот град – Каја Шукова.
Првата работа што ќе ја направи, како и некои од нејзините досега познати противкандидати, ќе започне со хигиената и со чистењето на градот почнувајќи од центарот на Скопје.
Ќе го врати проектот за БРТ (Брз автобуски превоз) со адаптација, која треба да се направи за Кисела Вода, а во изборната програма ветува Луна парк, намалување на потрошувачката на вода во градот, мерки за справување со загадениот воздух, повеќе култура …
-И мислам дека на сите треба да ни биде едно јасно, дека Скопје не се само булеварите, не се само зградите, Скопје се пред се граѓаните. И ако тоа го сфатиме и ако тргнеме од тука, мислам дека можеме многу да направиме. Тоа впрочем ме води кон една друга мисла, а тоа е дека мора да се движи енергијата помеѓу градот, градската администрација и целата онаа инфраструктура која што ја има, дали збориме за административна или техничка, градот Скопје и граѓаните. Мора да има синергија и едните да даваат услуга на другите, другите да ги почувствуваат бенефитите од услугите, бидејќи градот е сервис на граѓаните. И тоа мораме да не го заборавиме, не е обратно. Значи градот е тука за граѓаните, јавните претпријатија се за граѓаните, а граѓаните секако мора да се однесуваат одговорно кон јавното добро – вели Шукова.
Кандидатката за градоначалник на Скопје во интервјуто најавува позитивна и отворена кампања со која ќе ја бара поддршката од граѓаните.
– Прво, јас ќе водам многу позитивна кампања. Јас и не знам поинаку да се однесувам. Јас и претходно кога имав функции, оние што работеле со мене знаат дека јас не напаѓам, не деградирам, не сум од оние кои велат „еве јас ќе победам уште во првиот круг.“ Таков наратив од мене нема да има. Ја барам поддршката од граѓаните, оние кои во мене гледаат професионалец, што ќе понуди добри решенија за градот, кој ќе биде постојано во комуникација со граѓаните. Како што сум се однесувала до сега, така ќе се однесувам и понатаму, впрочем во ова никогаш немаше да влезам ако го немав професионалниот капацитет – потенцира Шукова.