ЗХГ: Со новите обиди за измена на Изборниот законик се почитуваат 0,95% од Уставот

Според нив, ова е уште еден подмолен обид за целосно исклучување на граѓаните од политичкиот живот и обид за зацврстување на монополот на зацементираните партии кои повеќе од три децении буквално ги крадат здравјето, среќата, животите, а сега го крадат и правото на избор на граѓаните.

Измените на Изборниот законик се обид за лажно и привидно намалување на прагот кој е превисок дури и за држави со далеку побројно население од нашето, реагираат од Зелен Хуман Град за вчерашните измени на Изборниот законик во Собранието, со кои првичните прагови за собирање потписи за независни кандидатури од 1% од вкупните гласачи по општина беа прогласени за неуставни, но се врати скоро идентична бројка од 0,95%.

„Новиот противуставен предлог повторно се сервира иако пред повеќе од два месеца до сите пратеници доставивме информации за бројот на потребни потписи во други европски земји, а им ги доставивме и меѓународните препораки за добри практики иако тоа се информации што веќе тие самите би требало да ги имаат.

Со претходниот закон за независно кандидирање требаа 4.500+ потписи за Град Скопје, а со сегашниот предлог ќе требаат 4.430 – колку што на локалните избори во 2021 г. „тежеше“ едно советничко место! Најновиот амандмански предлог прифатен во двете комисии и од власта и опозицијата беше 2.300 потписи за воопшто да добиеме право да се кандидираме за Град Скопје. Потсетуваме дека потписите треба да ги собереме во период од само 15 дена во ек на летни одмори исклучиво во канцелариите на ДИК“, реагираа од ЗХГ.

Според нив, ова е уште еден подмолен обид за целосно исклучување на граѓаните од политичкиот живот и обид за зацврстување на монополот на зацементираните партии кои повеќе од три децении буквално ги крадат здравјето, среќата, животите, а сега го крадат и правото на избор на граѓаните.

„ЗХГ продолжува да собира потписи од сите државјани на Македонија кои сметаат дека вреди да се поддржи единствената партија формирана од долгогодишни волонтери кои ги живеат принципите на заштита на животните, животната средина и социјална правда. Продолжуваме да собираме потписи од сите кои сметаат дека мора да се стави крај на префрлањето на топката меѓу играчите кои над 3 децении покажуваат дека играат против нас, граѓаните“, велат оттаму.