
СП: На 1 септември нов оглас – се бараат „црно на бело“ причините зошто е одбиена листата со Ристоска, Гајдова и Апостолски
Додека обвинителката Ленче Ристоска го тужи новинарот Драган Павловиќ Латас за клевета, Јордан Апостолски, еден од одбиените од Предлог-листата за ЕСЧП во Стразбур бара од Владата написмено да му ги образложат причините зошто не ја прифатиле листата и кои критериуми не ги исполниле кандидатите за да се поништи целата постапка
Еден од кандидатите кој беше на Предлог-листата за судија во Европски суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, Јордан Апостолски, бара од Владата написмено да му ги образложат причините зошто не ја прифатиле листата и кои критериуми не ги исполниле кандидатите за да се поништи целата постапка што се водеше со месеци и да почне од почеток со нова комисија која се поизвесно е дека нема да стаса навреме да избере наследник на Јован Илиевски, чиј мандат во Стразбур истекува во февруари идната година
– Ќе одлучам кога ќе излезе новиот оглас и кога ќе ги видам причините зошто е поништен првичниот – вели Апостолски за „Слободен печат“ и кажува дека по слободен пристап на информации од јавен карактер бара Владата да му ја достави одлуката што ја донела за да не ја прифати листата.
На неа, освен Апостолски, беше и поранешната обвинителка од Специјалното јавно обвинителство Ленче Ристоска, која уште ги води предметите „Талир 1„ „Талир 2“ во кои се обвинети поранешни високи функционери на ВМРО -ДПМНЕ и самата партија како правно лице, за која се бара конфискација на Белата палата.
Трет кандидат беше судијката од Апелацискиот суд Габриела Гајдова.
– Во моментов сум фокусирана на моите тековни обврски како судија на Апелацискиот суд Скопје и на стручниот ангажман во државата и на меѓународно ниво. Што се однесува до евентуална кандидатура, ќе видам кога ќе дојде моментот – вели Гајдова за „Слободен печат“.
Ристоска нема да се пријави на новиот оглас, односно нема да ѝ даде легитимитет на одлуката на Владата без образложение, но правната битка ја продолжува со тужба за клевета против новинарот Драган Павловиќ Латас.
– Како што најавив, поднесов тужба против Латас за клеветите што ги изнесе за мене. Во меѓувреме, со мене беа споделени и статуси и коментари од неговата адвокатка објавени на нејзиниот приватен Фејсбук профил во истиот период, полни со уште поголеми навреди, невистини и клевети. Со оглед дека адвокатите, како и јавните обвинители, се обврзани со етички кодекс и не смеат да пласираат навреди и невистини по социјалните мрежи, се надевам дека адвокатската комора ќе преземе мерки за да ги опомене или санкционира своите членови кои ги прекршуваат ваквите обврски. Така што, сегашниот процес нема да е борба само со клеветите од Латас, туку и со однесувањето и клеветите на неговата адвокатка – вели Ристоска за „Слободен печат“.
Повеќе ТУКА