Безживотното тело на сплиќанецот Матеј Периш по кого се трагаше од 31 декември 2021 година е токму она кое вчера беше извлечено од водите на Дунав.
Обдукцијата покажала ненасилна смрт, информираат од српското Министерство за внатрешни работи.
27-годишниот хрватски државјанин исчезна во Белград ноќта помеѓу 30 и 31 декември лани, кога ги оставил своите пријатели во клубот „Готик“.
Телото на Периш беше пронајдено на 8 километри од место каде го виделе за последен пат, во фармерки и маичка кои што одговараат на она што момчето ги носело кобната вечер. Од неговите лични работи, кај него пронајдени се часовникот и мобилен телефон.
Причина за смртта се наведува дека е давење, а понатамошната обдукција и токсиколошка анализа ќе покажат дали има дополнителна причина за смртта на Периш.
„Единствено што можам да кажам е дека тој беше младо момче кое не беше во ризична група која може да изврши самоубиство. Нема криминоген картон во градот во кој што живееше, во Сплит, дека бил корисник на некакви опијати. Не припаѓаше на никакви криминогени групи, сетоа тоа беа претпоставки на почетокот но тие беа отфрлени“ изјавил приватен детектив најмен од семејството Периш.
Таткото на Матеј – Ненад Периш рече дека ова е голема болка за семејството и дополни дека очекува разврска за причината за смртта.
„Мене ми беше битно само да го пронајдам Матеј, и сето тоа што го правем исклучително го правев само да го пронајдам. Причината зошто тоа се случило секако дека ќе ме интересираат но во овој момент сум само во длабока болка. Навистина е тешко, да веруваме дека точката на животот не е крај и дека ние повторно ќе се сретнеме, во иднина, а Матеј, својата приказна на оваа земја ја заврши“ рече Ненад Периш.
Денеска, и владината седница во Хрватска беше отворена со неколку збора за починатото момче.
„Да изразиме уште еднаш сочувство на семејството на Матеј Периш, по информациите дека по ДНК анализата и обдукција утврдено е дека станува збор за него, по веста дека е пронајдено тело на младо момче во Дунав“ изјави хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ.