И Европскиот фронт ќе има кандидат за градоначалник на Скопје

„За Град Скопје, ДУИ и коалицијата што ја сочинуваме ќе има свој кандидат. Останува уште да се потврдат имињата на кандидатите и за другите општини, вклучително и за Скопје, од страна на партиските органи, и штом имаме конкретно име, навремено ќе го споделиме со јавноста“, додаде Арбр Адеми.

Европскиот фронт ќе има свој кандидат за градоначалник за Град Скопје, соопшти потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, но не го откри името на кандидатот.

„За Град Скопје, ДУИ и коалицијата што ја сочинуваме ќе има свој кандидат. Останува уште да се потврдат имињата на кандидатите и за другите општини, вклучително и за Скопје, од страна на партиските органи, и штом имаме конкретно име, навремено ќе го споделиме со јавноста“, додаде Арбр Адеми.

Адеми потврди и дека Арбен Таравари е дел од договорот со Али Ахмети за заеднички листи на советници.

„Веќе има договор меѓу Европскиот фронт, претседателот Ахмети и претседателот Таравари за заедничко учество на овие избори“, вели Арбр Адеми.

На ова реагираше и претседателот на Демократско движење и вицепремиер Изет Меџити, кој изјави дека со ова се открива вистинската намера на Таравари да се оддалечи од коалицијата ВЛЕН.

„Сакам да ја потенцирам оваа тема – Таравари се повлече со изговор дека ќе излезе со посебни листи и тоа беше проблемот во рамките на ВЛЕН, а денес слушаме дека ќе настапи со заеднички листи со ДУИ. Значи, не му беа проблем листите, туку не знаеше како да стигне во прегратката на Ахмети“, порача Изет Меџити.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека имињата на нивните кандидати ќе бидат објавени по 15 август. Досега е познато дека ќе имаат заеднички кандидат со партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски за Општина Центар и за Куманово, каде Димитриевски ќе се кандидира по трет пат. Исто така, премиерот Мицкоски изјави дека во рамките на владиниот коалициски блок ќе соработуваат со ВЛЕН и на локално ниво.

„Што се однесува до партиите што се дел од коалицијата ВЛЕН, имаме принципиелен договор дека ќе се поддржуваме во тие општини каде што ние ќе имаме кандидат, а тие немаат – и обратно. Во одредени општини, и двете партии ќе имаат свои кандидати и таму секој ќе се води според својата стратегија и интерес“, вели Христијан Мицкоски.

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје ќе настапи со Орце Ѓорѓиевски, а СДСМ со Каја Шукова. И коалицијата ВЛЕН најави дека ќе има свој кандидат. Локалните избори се очекува да бидат распишани на почетокот на август, а најспоменуван датум за одржување е 19 октомври.