
Сеизмолошките станици низ државава пред затворање, Опсерваторијата нема опрема и кадар
- Од наредната година остануваме без ниту една сеизмолошка станица и соодветна опрема за следење на сеизмичката активност, што за сеизмички активна територија како нашава, во која често се случуваат умерено силни до силни земјотреси, е навистина зголемен ризик за населението и инфраструктурата од силен земјотрес. Технологијата оди напред, светот оди напред, ние се трудиме да ги следиме, но доаѓаме во ситуација кога не можеме. Сега, дефинитивно, ни треба помош. Неследењето на сеизмичка активност може да предизвика неубава состојба во државава во однос на градбите и ризиците по безбедноста на граѓаните, истакнува раководителката на Опсерваторијата, институција основана во 1957 и лоцирана на падините на Водно.
Со завршување на тригодишната меѓународна иницијатива за следење на движењето на Јадранската микроплоча – AdriaArray, на почетокот на 2026-та државава ќе остане без мрежата од 13 сеизмолошки станици со кои се следи сеизмичката активност односно просторно-временската застапеност на земјотресите.
Во рамки на тој проект на организацијата ORFEUS (Observatories and Research Facilities for European Seismology), чија мисија е да ја промовира сеизмологијата во Европско-медитеранската област, од 2023 се инсталирани 13 привремени сеизмолошки станици преку кои континуирано се следи сеизмичката активност на територијата на државава и во пограничните региони, како и сеизмичноста на целата планета.
Тие 13 станици во моментов ја сочинуваат телеметриската мрежа на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, а сеизмички мониторинг има и на езерото Козјак – на браните Козјак и Св. Петка и на локација во село Белица на долниот дел од езерото и браната Кнежево.
ORFEUS во март ќе ја напушти Македонија за да го продолжи проектот во други земји, со што Опсерваторијата се соочува со ризик од затворање на сите 13 станици затоа што ќе останат со застарени и, практично, нефункционални инструменти.
Раководителката на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ, проф. д-р Катерина Дрогрешка, за МИА изјави дека таквата состојба ќе доведе до загрозување на сеизмолошката служба на Опсерваторијата, односно законски пропишаното следење на сеизмолошка активност.
– Од наредната година остануваме без ниту една сеизмолошка станица и соодветна опрема за следење на сеизмичката активност, што за сеизмички активна територија како нашава, во која често се случуваат умерено силни до силни земјотреси, е навистина зголемен ризик за населението и инфраструктурата од силен земјотрес. Технологијата оди напред, светот оди напред, ние се трудиме да ги следиме, но доаѓаме во ситуација кога не можеме. Сега, дефинитивно, ни треба помош. Неследењето на сеизмичка активност може да предизвика неубава состојба во државава во однос на градбите и ризиците по безбедноста на граѓаните, истакнува раководителката на Опсерваторијата, институција основана во 1957 и лоцирана на падините на Водно.
На Опсерваторијата ѝ требаат нови лиценцирани софтвери, нова компјутерска опрема и сеизмометри, т.е. минимум десет сеизмолошки станици за следење на подземните активности во реално време.
Да се нарача и инсталира една комплетна сеизмолошка станица, вели Дрогрешка, чини околу 30.000 евра односно 300.000 за десет станици.
– Не се многу пари, но треба да се инвестира. За ваква набавка не се обрнува внимание, а ситуацијата е драматична. Поддршка имаме од ПМФ, но факултетот не може да ни купи десет станици. Ние сме интересни само тогаш кога има земјотрес и луѓето мислат дека доаѓаме на работа и чекаме само да се случи земјотрес. Но, тоа е последното. Нашата работа како сеизмолози почнува откако ќе заврши земјотресот. Мене ме интересира зошто, каде и како настанал земјотресот. Јас морам да одговорам на тие прашања, да ја следам афтершоковата активност, мигрирањето на епицентрите, одредувањето на основните параметри на земјотресот – не само на површината туку и долу, во жариштето, за да се заокружи целиот сеизмички циклус, а тие податоци понатаму да ги проследам кон наредни институции за да може да се направат картите на хазард и ризик што се користат во урбанизам, градежништво итн., појаснува Дрогрешка.
На веб-страницата на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (Euro-Mediterranean Seismological Centre – EMSC) може да прочитаме податок за случен земјотрес, но таа укажува дека Сеизмолошката опсерваторија е единствена институција кај нас задолжена и овластена да ја одржува сеизмолошката мрежа, постојано да ја набљудува и научно анализира целокупната сеизмичка активност на територијата на државава и пограничните подрачја и само таа е релевантна институција која ги одредува основните параметри на жариштето на земјотресот, магнитудата и интензитетот, и ја известува јавноста за почувствуван земјотрес во државава.
Покрај проблеми со опремата, Опсерваторијата веќе две децении се соочува и со недостиг од стручен кадар. Во моментов работат тројца сеизмолози и тројца млади истражувачи – двајца физичари и еден географ кои учат и веќе работат да бидат сеизмолози. Повозрасните се сеќаваат на времиња кога Опсерваторијата имала двојно па и тројно повеќе вработени.
Тоа се должи на слабиот интерес за студирање. Како што вели Дрогрешка, многу помалку студенти се запишуваат на Институтот за физика, на насоката геофизика и метеорологија, во однос на другите институти на Природно-математичкиот факултет и покрај тоа што се стипендираат како дефицитарни студии.
Но, причината за опаѓањето на бројот на вработени низ годините е и немањето согласности/финансии за вработувања на младите кои завршуваат на оваа или на некоја од сродните насоки, како физика и географија.
– Недостигаат нови вработувања на стручни лица и административен персонал, набавка на нова сеизмолошка и компјутерска опрема, лиценцирани сеизмолошки софтвери за собирање и обработка на регистрираните податоци, средства за материјално одржување на постојните големи сеизмолошки објекти во Скопје, Охрид и Валандово, како и возило за патување до сите сеизмолошки станици заради проверка на опремата и собирање на податоците. За жал, и покрај многубројните барања упатени до надлежните институции, службено возило сè уште немаме добиено, укажува Дрогрешка во разговар за МИА.
По пратените дописи и средбите што ги имале со претставници од надлежните институции, очекува дека ќе им се излезе во пресрет, пред сè, во набавката на опремата што во моментов е проблем кој бара итна реакција поради извесното затворање на сеизмолошките станици.
– По многуте дописи до надлежните институции преку кои се известени за состојбата на Опсерваторијата, се надевам дека во блиска иднина ќе имаме позитивни повратни одговори за решавање на оваа драматична ситуација, истакнува раководителката.
Во време на технологија со која се праќаат снимки од далечни планети, сè уште не може да се предвиди датумот ниту локацијата на настанување на оваа природна појава на Земјата.
– Земјотрес не може да се предвиди со точна дата, време и точна локација на епицентарот. Може да има предзнаци, но тие се за неколку минути, ден. Кај животните – наезда на глувци, на змии … Секое жариште си има свој критериум на појава на земјотресот. Скопје, на пример, нема никакви предвесници во случај на силен земјотрес. Сè зависи од влијанието на околните напрегања и големината на раседната површина. Меѓутоа, врз основа на набљудуваната сеизмичност на одреден регион или подрачје, и токму за тоа се потребни сеизмолошките станици, се одредуваат периодите на повторување на земјотресите со одредена магнитуда односно очекуваната сеизмичност на тој регион или подрачје, со што успеваме да се доближиме до реално очекуваните земјотресни настани. Единствена сигурна заштита од земјотресите е градењето асеизмички градби отпорни на максималната очекувана магнитуда на земјотрес во одреден регион или подрачје според ваквата прогноза, појаснува Дрогрeшка.
Во контекст на 62 години од скопскиот земјотрес и ризиците од силни потреси, таа кажува дека Скопската Котлина лежи на мрежа од раседи со различна големина и не секој расед може да произведе земјотрес со магнитуда поголема од 5.0.
Сите земјотреси во Скопското епицентрално подрачје се резултат на тектонска интеракција во длабочините на земјата меѓу два блока – Скопска Црна Гора и Водно. Напрегањата меѓу двата блока во земјината внатрешност се акумулираат сè до моментот на ненадејно релативно придвижување на блоковите чија последична појава е земјотресот.
Каква подземна активност имаме во периодов на територијата на државава Дрогрешка одговори дека сме во „сеизмички мир“ со акумулирана енергија од земјотресите во околните земји.
– Во моментов околу нас се случуваат земјотреси, има во Грција, во Албанија, Србија, Бугарија, Босна, Турција… обиколени сме од земји од кои повеќето имаат висока сеизмичка активност и дел од таа ослободена енергија се слева накај нас. Ние сме во еден „сеизмички мир“. Во моментов имаме зголемена сеизмичка активност од слаби земјотреси, но повеќето од нив не се почувствувани. Многу сеизмички жаришта се мирни, а имаме континуирано дотур на енергија од сите страни, вели Дрогрешка.
Опсерваторијата организира едукативни предавања и работилници за ученици од основното и средното образование, но и за заинтересирани возрасни, како да се заштитат од земјотресите за да се минимизираат негативните последици.
Младиот сеизмолог Љупчо Јованов, магистeр на физички науки, им покажува на најмладите посетители како функционираат сеизмометрите што се користат сега и оние во минатото, чија задача е да регистрираат и најмало движење што се чита како дигитален запис на компјутер. Меѓу нив е и апаратот од првата генерација, од почетоците на Опсерваторијата, функционален, но сега музејски експонат, и од него оригиналниот запис на катастрофалниот земјотрес во 1963.
Посетителите на предавањата добиваат одговори како настануваат земјотресите, кои се основните параметри на земјотресот, кои се правилата на однесување пред за време и после земјотресот, разликата помеѓу јачината или магнитудата на земјотресот (енергија која се ослободува во жариштето/хипоцентарот во земјината внатрешност, а се мери со Рихтерова скала) и интензитетот или почувствуваноста на земјотресот (манифестацијата на таа енергија на површината на земјата врз луѓето, животните, градбите и природната околина, одредена според Европската макросеизмичка скала), како и многу други интересни факти за земјотресите.
Имаат подготвено и едукативна брошура и на веб-страницата на Сеизмолошката опсерваторија поставено прашалник за почувствуван земјотрес.
На паноа во салата за едукативни предавања и работилници, меѓу другото, се забележени најразорните земјотреси во историјата на мерењето.
Најсилниот регистриран земјотрес на копнениот дел на Балканскиот Полуостров бил во пограничното епицентрално подрачје Пехчево – Кресна во 1904, со јачина од 7.8 Рихтерови степени и интензитет (почувствуваност) од 10 степени. Во светот за најсилен земјотрес се смета во Чиле во 1960 година, со магнитуда 9.5 или 9.6 Рихтерови степени.