Чибишев: Токсикологија ќе добие Ургентен интернистички центар, најсовремена лабораторија и кадровско зајакнување

Од септември ќе почне со работа првиот ургентен интернистички центар со токсикологија во државава, во рамки на кој ќе биде отворен рендген кабинет во кој ќе се прават сите рендгенски иследувања, компјутерска томографија, магнетна резонанца, а ќе има и кабинет за горна ендоскопија и ЕХО кабинет, вели во интервјуто за МИА, директорот на Универзитетската клиника за токсикологија, проф.д-р Андон Чибишев.

Од септември ќе почне со работа првиот ургентен интернистички центар со токсикологија во државава, во рамки на кој ќе биде отворен рендген кабинет во кој ќе се прават сите рендгенски иследувања, компјутерска томографија, магнетна резонанца, а ќе има и кабинет за горна ендоскопија и ЕХО кабинет, вели во интервјуто за МИА, директорот на Универзитетската клиника за токсикологија, проф.д-р Андон Чибишев.

Тој смета дека станува збор за проект од висок национален интерес и дека македонското здравство ќе добие многу и здравството во целина, а најголем бенефит ќе имаат пациентите. Посочува дека кога ќе влезе пациентот во ургентниот интернистички центар ќе биде прегледан и ќе биде поставена работна дијагноза и план за иследување, односно се што треба ќе му се направи, за да не мора со количка да биде носен во други оддели.

Потенцира дека на крајот на минатата година и на почетокот на оваа година набавиле најсовремена апаратура за токсиколошката лабораторија, најнов тип која се произведува во рамки на ЕУ, и таа веќе е во функција.

-Ја набавивме од сопствени средства, односно од заштеда во буџетот од околу 9,5 милиони денари (околу 140.000 евра). Сега правиме напор да ја надградиме, затоа што таа има можност да анализира повеќе од 1.400 хемикалии, да можеме да ги докажеме во различен биолошки материјал, дали тоа ќе биде крв, урина, плунка или нешто слично. Значи ќе нема хемикалија која нема да можеме да ја докажеме. Кога тука ќе дојде пациент за најмногу час до час и половина ќе знаеме со што е затруен, вели д-р Чибишев.

Нагласува дека набавиле и пет нови ЕКГ апарати и дека Клиниката ќе биде опремена со сите противотрови кои можат во пракса да им затребаат.

Во врска со тоа што се презема за решавање на проблемот со недостигот на здравствени работници и на оваа Клиника, тој истакнува дека нема веќе „каубојски вработувања“ и дека на конкурсот што го распишале конкурирале и тие што претходно работеле без договор и дека од 18 од нив примени се четворица и тоа еден биолог, две хигиеничарки и еден болничар.

-На 23 јули распишав уште еден конкурс за две медицински сестри. Полека се обидуваме и кадровски да се стабилизираме за да можеме да одговориме на предизвиците. Кога ќе проработи ургентниот интернистички центар ќе ни треба многу повеќе кадар. Веројатно ќе следат конкурси на кои ќе примиме многу повеќе млади доктори, медицински сестри и болничари, затоа што ургентниот интернистички центар ќе треба 24 часа да биде во функција, вели д-р Чибишев.

Во врска со екстремно високите температури кога и труењата со храна се се почести, посочува дека препорачува да се консумира свежо приготвена храна, а таа што нема да се изеде да се стави во фрижидер и таму да не стои повеќе од 24 часа.

Имајќи ги предвид пожарите, а и загадувањето на воздухот, тој советува што повеќе време да се биде на чист воздух, а во затворен простор да се има прочистувач на воздух.

Помина една година откако ја раководите Универзитетската клиника за токсикологија. Што е направено досега имајќи предвид дека таа прераснува во ургентен интернистички центар со токсикологија?

Направено е тоа што можевме да го направиме. Седум години пред јас повторно да ја раководам Клиниката, се сменија четворица директори и сметам дека во тие седум години минимално е направено, колку таа да функционира. Ништо не беше направено во делот на комплетно подобрување на инфраструктурата, да се решат кадровските проблеми. Клиниката не е само институција која обезбедува здравствена помош, здравствени услуги, туку ние сме дел и од Медицинскиот факултет во Скопје и кај нас се едуцираат идните доктори, медицински сестри, воопшто медицинскиот персонал од три медицински факултети од Скопје, Штип и Тетово. Тука многу малку, да не кажам ништо не е направено. Кога дојдов јас имавме сериозни проблеми и со функционирањето затоа што немавме медицински директор. Непосредно пред да дојдам јас медицинскиот директор беше сменет, тука имавме само економска директорка, која како економист не можеше во медицинскиот дел да ја раководи Клиниката и беше многу тешко и практично на сите нивоа. Со моето доаѓање прво се обидов кадровски да ја стабилизирам Клиниката, затоа што тука затекнав 18 луѓе кои работеа на диво, а немаа буквално никакви валидни договори и впрочем тоа можеше да се карактеризира дека 18 луѓе си влегуваа во институцијата, си работеа, дел од нив пружаа здравствена помош, дел од нив беа помошен медицински персонал и незаконски се движеа во просториите на Клиниката. Јас уште третиот ден ги собрав и им кажав дека веќе не може така, им се заблагодарив за досегашниот вложен труд и им кажав да си одат дома. Им кажав дека на Клиниката од денес нема да има „каубојски вработувања“, без законско покритие и без согласност од Министерство за финансии, од Фондот за здравствено осигурување и од Министерство за здравство. Тие земаа финансиски надомест и со тоа практично го оштетуваа буџетот. Сето тоа во изминатиот период си доби судски епилог и е докажано дека тоа било незаконски и одговорните ќе си ја понесат одговорност.

Значи многу работи недостигаа кога дојдов. Имавме работни простории во кои имаше мебел од столици, маси, кревети за пациенти, кои беа на истекот на употребливост и беа опасни за употреба, можеше да се случи некој да седне на некое столче и да падне. Затоа веднаш преземавме мерки што побрзо таквиот мебел да го замениме и целиот мебел на Клиниката во овој период од една година е заменет.

Клиниката постои од 1975 година. Таа е формирана со некакво сегментирање на тогашната Интерна клиника на повеќе клиники и направена е Клиника за токсикологија. Меѓутоа Македонија е мала држава со мал број население и Клиниката за токсикологија само како токсикологија не можеше да функционира, односно не можеше да покаже рентабилност, доволен број пациенти за да може да опстане. Затоа, тогаш се направи договор на Клиниката да биде лоциран и ургентниот интернистички центар во кој секој кој има потреба од интернистички преглед треба да дојде прво тука, да го види екипа од доктори и медицински персонал и да остане тука за да прими терапија или потоа по стабилизација на состојбата да се префрли на соодветна клиника каде ќе му се пружи помош во подолг временски период. Тогаш бевме Клиника за токсикологија и ургентна интерна медицина, меѓутоа во 2006 година кога се растураше Клиничкиот центар за сменија некои работи и останавме само Клиника за токсикологија. Тогаш имаше идеја да се направи некој посебен ургентен интернистички центар, нешто што не успеа и повторно ни ја вратија нас ургентната медицина да ја работиме со тоа што направивме интервенции во статутот за да можеме да функционираме.

Идејата за ургентен интернистички центар е нешто што е мој императив. Откако станав директор фокусиран сум тоа да го реализирам, затоа што го сметам за проект од висок национален интерес. Идејата е стара повеќе од 25 години, но заради разни субјективни и објективни причини досега не беше реализирана, да има ургентен интернистички центар со сите нишани. Ние тука работевме ургентна интерна медицина, но полуимпровизирано. Имаше отпори и сега пред три – четири години повторно е оживеана идејата, меѓутоа никој не се нафати да ја реализира. Дури имаше и отпори од надвор и од внатре. И сега има отпор од внатре, меѓутоа јас како сегашен раководител на оваа институција, кој ја носи целата одговорност проценив дека тој проект е од висок национален интерес и решив да се реализира.

Какви инфраструктурни зафати се направени  од вашето назначување за директор на Клиниката?

Две општествено одговорни компании, Алкалоид и Комерцијална банка се здружија и вложија средства да се реновира Клиниката, комплетно да се замени целата инсталација, долу да се направат некакви инфраструктурни промени и Клиниката да прерасне во ургентен интернистички центар со токсикологија. Тоа почна да се реализира месец или два откако јас станав директор. Околу 480.000 евра се вложени во тоа, но не само во градежниот дел, тоа што е ново, туку и во комплетната инсталација, климатизација, струја, гасови, се е сменето и тоа е ново. Во проектот немаше опремување со мебел. Успеавме преку наши идеи, дел наши средства да вложиме и мебелот долу комплетно ќе го замениме, дел е донесен, а дел чекаме сега да го донесат и штом го опремиме тој дел на приземјето ќе го пуштиме во употреба. Договорено е со Министерството за здравство, во рамки на ургентниот центар да се отвори и рендген кабинет во кој ќе се прават сите рендгенски иследувања, компјутерска томографија, магнетна резонанца, ќе има кабинет за горна ендоскопија и ЕХО кабинет. Значи, кога ќе влезе пациентот во ургентниот центар, ќе биде прегледан и ќе биде поставена работна дијагноза и план за иследување, односно се што треба ќе се направи тука, за да не мора пациентот со количка да биде носен во други оддели. Значи, се ќе се прави во рамки на ургентниот интернистички центар, и тоа е огромна добивка за пациентите кои веќе нема да трчаат натаму наваму и тука на едно место ќе се направат сите иследувања, ќе се направи комплетна проценка дали ќе останат тука, ќе примат терапија и ќе си заминат, дали ќе ги опсервираме 12 до 24 часа да се подобри нивната состојба, па ќе си заминат или ќе ги стабилизираме и префрлиме на Клиниката, каде треба да го продолжат своето лекување.

Кој ќе биде бенефитот за пациентите од отворањето на ургентниот интернистички центар со токсикологија?

Мислам дека македонското здравство ќе добие многу и здравството во целина, а најголемиот бенефит ќе го добијат пациентите, бидејќи во моментов таква институција нема во Македонија. Тоа ќе биде прв ургентен интернистички центар на територија на Република Македонија. Градежниот дел е завршен, чекаме уште минимални опремувања за да почнеме. Ќе бидам пресреќен и утре да почне, меѓутоа мојата проценка е дека ќе почне веднаш по годишните одмори. Мислам дека после 1 септември ќе почне да работи едниот дел на ургентниот центар, а во меѓувреме ќе се доопремува, затоа што веќе се направени планови за набавката на апарат за компјутерска томографија, рендген апарат, а за магнетна резонанца постапката е почната. Тоа се многу големи набавки и според законот за јавни набавки се покомплицирани, имаат неколку фази, но тоа е постапка која мора да заврши.

Која опрема досега е набавена на Клиниката? 

Клиниката имаше сериозен проблем со опремување и со одредени апарати кои и беа потребни за да може нормално да функционира. Сега во рамки на Клиниката работи кабинет за горна ендоскопија и го користиме за нашите пациенти и пуштаме термини за пациенти кои со упат од матичен доктор може да направат кај нас горна ендоскопија, имаме ЕХО кабинет, меѓутоа Клиниката постои од 1975 година и оттогаш на тогашните колеги најголемата желба им била да имаат современа токсиколошка лабораторија, бидејќи не може да се работи современа научна напредна клиничка токсикологија ако нема лабораторија. На крајот на минатата година и на почетокот на оваа година набавивме најсовремена апаратура за токсиколошката лабораторија, најнов тип која се произведува во рамки на ЕУ, и таа веќе е во функција. Ја набавивме од сопствени средства, односно од заштеда во буџетот од околу 9,5 милиони денари (околу 140.000 евра). Сега правиме напор да ја надградуваме, затоа што таа има можност да анализира повеќе од 1.400 хемикалии, да можеме да ги докажеме во различен биолошки материјал, дали тоа ќе биде крв, урина, плунка или нешто слично. Значи ќе нема хемикалија која нема да можеме да ја докажеме. Кога тука ќе дојде пациент за најмногу час до час и половина ќе знаеме со што е затруен.

Набавивме и пет нови ЕКГ апарати, што значи во секоја соба ќе ги има. Исто така во работата користиме одредени противотрови кои стручно се наречени антидоти, кои до пред неколку дена Клиниката ги немаше. Во периодот 2010-2014 година направивме договор со швајцарска компанија, која беше обврзана во рок од 24 часа да ни го испорача секој антидот, што ќе ни биде потребен. Но, сега мислам за еден месец ќе завршат сите постапки. Клиниката ќе биде опремена со сите противотрови кои можат во пракса да ни затребаат. Тие имаат краток рок на траење, многу се скапи, меѓутоа проценивме дека ништо не е поскапо од еден човечки живот. Ќе ги набавиме сите антидоти, па макар и после година, две, колку што им е рокот, ако не се искористат да ги фрлиме и да набавиме други. Ќе изгубиме економски, но сакам да бидеме подготвени во секој момент ако на некој му треба да помош да му ја пружиме квалитетно и на високо ниво.

Секоја клиника за да може да одговори на потребите на пациентите и е неопходен доволен број медицински кадар. Што преземате за решавање на проблемот со недостигот на бројот на здравствени работници на Клиниката?

Ние бевме една година во минус 18 извршители. Меѓу нив имаше различни кадри од лаборанти, медицински сестри, болничари, хигиеничари итн. Успеав да добијам согласност и веќе е затворен конкурсот, луѓето веќе работат и нема „каубојски вработувања“. Распишавме регуларен конкурс, си конкурираа, меѓу нив конкурираа и неколку од тие 18 кои работеа тука без договори. Од нив примив четворица: еден биолог, две хигиеничарки и еден болничар. На 23 јули распишав уште еден конкурс за две медицински сестри. Полека се обидуваме и кадровски да се стабилизираме за да можеме да одговориме на предизвиците. Кога ќе проработи ургентниот интернистички центар ќе ни треба многу повеќе кадар, за тоа е разговарано и на ниво на Министерство за здравство и на ниво на Влада. Направив еден оперативен план како ќе функционира ургентниот интернистички центар, мислам дека е поминат и на седница на Влада, презентиран е таму и чекаме инфраструктурно да се средиме. Веројатно ќе следат конкурси на кои ќе примиме многу повеќе млади доктори, медицински сестри и болничари, затоа што ургентниот интернистички центар ќе треба 24 часа да биде во функција, ќе има многу работа за што ќе треба многу кадар, да се менуваат луѓето, бидејќи работата во тој центар е многу напорна. Таму максимум ќе се работи осум до десет часа, а после тоа треба да дојде друга свежа екипа која ќе ги преземе обврските. Очекувам нови вработувања, иако сега дојдовме во некоја поднослива ситуација. Не велам дека комплетно сме покриени со кадар, како што сакав да бидеме, но сега имаме повеќе луѓе на располагање.

Како се одвива процесот на подолготрајна рехабилитација, односно престој во специјализирани центри за рехабилитација на повредените во пожарот во дискотеката во Кочани? 

Ние бевме дел од целиот процес на згрижување на овие пациенти кои настрадаа во пожарот во Кочани. Во Клиниката поминаа над 50 пациенти и во ударниот дел во првите два дена кога беше најкритично тука беа хоспитализирани 20-тина повредени главно поради труење со висока концентрација на отровни гасови. Дел од нив во првите 48 часа ги префрлувавме во центрите во странство и за среќа тие се вратија живи и здрави во Македонија и сега се ставени на еден подолготраен третман. Тие што имаат изгореници во еден дел се третираат според посебна програма на колегите од Клиниките за пластична хирургија и за психијатрија и наши доктори одат повремено во Кочани, ги надгледуваат и во центарот за рехабилитација што се отвори на Пониква. Ние еден дел од пациентите кои поминаа кај нас ги закажуваме на одреден временски период и правиме контроли, бидејќи сите тие биле изложени на екстремно високи концентрации на јаглероден моноксид, јаглероден диоксид, сулфур диоксид и цијановодород, значи гасови кои се екстремно токсични посебно цијановодородот и заради тоа што тие извесен период биле изложени на таа концентрација, можно е да покажат некакви отстапувања во делот на менталното здравје или на меморијата. Снабдувањето со кислород во тој период кога биле изложени на тие високи концентрации било намалено. Целиот организам страда меѓутоа најчувствителни се мозокот и виталните органи, срцето, белите дробови и бубрезите. Сите ги викаме на одреден временски период, правиме контроли, лабораториски испитувања, рендгенски снимања итн., ги следиме и ќе ги следиме во наредните две години за да не пропуштиме нешто.

Во услови на вакви екстремно високи температури труењата со храна се се почести. Што ќе им препорачате на граѓаните? 

Обично ваквите случаи тука ги опсервираме, некогаш и ги хоспитализираме во зависност од процената, им даваме терапија и си одат. Во последниов месец два или три случаи имаше кај нас. Високи се температурите. Не знам колку според протоколите работат одредени угостителски објекти во државата, па и ние дома подготвуваме јадење, го оставаме на маса и јадеме после пет часа. Тоа стои на висока температура и ако во храната има мал број бактерии, тие многу лесно може да се размножат, па ние да ги проголтаме и тие во дигестивниот систем уште повеќе да се размножат и да ни направат проблем. Ако, пак, бактериите многу се размножат во храната и ги испуштат своите токсини кои ги носат и ние ги проголтаме, повторно ќе имаме проблем. Затоа треба да се консумира свежо приготвена храна, а таа што нема да се изеде да се стави во фрижидер и таму да не стои повеќе од 24 часа. После 24 часа подобро е да ја фрлиме отколку да добиеме труење со храна заради салмонела, бидејќи салмонелозата може да направи сериозни проблеми посебно кај деца и возрасни, бидејќи се губат големи количини течности и електролити и може да биде загрозено здравјето. Не е правило само 24 часа да стои храната во фрижидер. Храна оставена надвор може и за два, три часа да се расипе. При течни столици, повраќање, исцрпеност, губењето голема количина течност ја ослабува циркулацијата низ органите. Ние викаме и ја ослабува и перфузијата во бубрезите. Порано кога работевме ургентна медицина имавме возрасни пациенти кои доаѓаа тука со акутна бубрежна слабост без никакви претходни проблеми со бубрезите. На пример пациент дојден до дијализа кажа дека претходните денови имал дијареја, а додека губел течности му паѓал притисокот, се намалила перфузијата на бубрезите и тие откажуваат. Ако се реагира навремено бубрезите ќе се вратат во функција, а ако не се реагира пациентот ќе добие хронична бубрежна слабост и ќе стигне до дијализа. Многу треба да се внимава особено во летниот период.

Како да се заштитат граѓаните во услови кога има пожари, загадување на воздухот односно изложеност на опасните ПМ честички?

Пожарите за жал ги има секое лето и најтрагично е тоа што постојано слушаме информации дека се подметнати. Не можам да ги сфатам тие луѓе што ги палат шумите. Пожарите дополнително го оптоваруваат амбиенталниот воздух, дополнително го загадуваат. Во тој чад покрај отровни гасови има не само ПМ10 честички, туку и ПМ2,5 честички, кои влегуваат длабоко во респираторните патишта и веднаш ги напаѓаат одбранбени клетки. Со тек на време површината на дишните патишта, таму каде е ударниот имунитет за заштита, се уништува. Ние практично остануваме без почетен имунитет, бидејќи тука ако немаме задршка на отровите веднаш ќе влегуваат во крв и ќе го начекаат имунолошкиот систем неподготвен и затоа се појавуваат болести. Ако тој е подготвен и не е оштетен уште на површината дел со тие ресички во дишните патишта ќе го искашламе или ќе остане тука и полека со тек на време ќе се елиминира од организмот. Ако е тој ослабен, а овие ПМ честички го оштетуваат, посебно тие ПМ2,5 кои влегуваат до крај до алвеолите, тогаш имунитетот ќе биде катастрофален. Антибиотикот не може да помогне ако имунолошкиот систем не е подготвен да му помогне и штом ќе прекинеме со него повторно продолжуваат здравствените проблеми. Неопходно е да се биде на чист воздух. Една компанија донираше прочистувачи за воздух во вредност од милион евра кои Владата ги распредели по општините, а тие треба да ги распределат по градинки, училишта и здравствени институции. Добро е и дома да се има прочистувач на воздух. Гасификација, стандардизирање на горива оди во прилог на подобрување на квалитетот на воздухот. Од некаде мора да се почне…

Високите температури се поволни за појава на влекачи, а особено змии. Што да сторат граѓаните ако наидат на змија?

Многу поволна е климата за раздвижување на влекачите. На поднебјето на Македонија живеат многу видови змии меѓу кои и најотровните поскок, кој го има на пониските предели и шарка која живее повисоко во планините и од неа страдаат планинарите. Добар дел од пациентите кои кај нас доаѓаат се каснати од поскок, која е исклучително опасна змија. Ако за 15 минути до половина час по каснувањето не се реагира ќе биде фатално, бидејќи отровот е многу силен, многу брзо реагира и може да доведе до нарушување на функцијата на добар дел од органите, да не функционираат како што треба и да се изгуби животот. За среќа не сме имале такво нешто. Летово четири или пет пациенти каснати од змија во други градови беа хоспитализирани и среќа што брзо е реагирано. Минатата недела имаше двајца мажи од Дебар каснати од поскок. Се е уништено во природата и влекачите во недостиг на храна одат во населени места. По каснувањето од змија не треба да се паничи, смирено телефонски треба да се побара Итна медицинска помош или ако се има возило веднаш да се оди во најблиската здравствена институција. Никој не треба сам да презема нешто. Што помалку треба да има движење на мускулатурата за отровот да не продолжи да се шири во телото, бидејќи лицето кое е каснато од змија ако се движи, ако паничи, неговата циркулација се забрзува, му се забрзува и работата на срцето и отровот брзо ќе се прошири. Потребно е што помирно и побрзо да се оди во здравствена институција, каде ќе добие серум и други лекарства. Добар дел од здравствените домови, општите болници во внатрешноста имаат серум. На двете лица од Дебар кои дојдоа на Клиниката претходно им бил даден серум.

Покрај тоа, максимално треба да се заштитиме и од инсекти, бидејќи не знаеме кога и во кој дел од животот и на која возраст ќе покажеме алергија на каснување од инсект. Секое следно каснување не знаеме како ќе заврши. По првото каснување од инсект има зголемен титар на антитела, организмот создава антитела против отровот. По следното каснување има уште поголем титар, тие антитела може да ги нападнат одредени центри во организмот кои се задолжени за регулација на неговите функциите, може да се јави гушење, престанок на работа на срце…има безброј опишани случаи во кои по убод од оса, човек завршил фатално. Затоа е неопходно што побрзо да се оди во здравствена институција, тука нема размислување, за оси, пчели и стршлени.

Фото: Фросина Насковиќ