Јетон Шаќири – министерот за образование и наука информираше дека заедно со СОНК ги прифатиле предлозите на медијаторот МТСП во однос на сите отворени теми и причините за штрајкот.
„Повисоки плати во образование ќе има, се договоривме за покачување на платите на сите вработени во образование од 15%, почнувајќи од септемвриската плата. Тоа е во согласно со буџетските можности. Нема да има кратење за времето кога се штрајкуваше. Најдовме целосно разбирање и ќе се исплатат целосни плати за април. Ги допрецизиравме работите и околу колективните договори“ – рече Шаќири по денешната средба со претседателот на СОНК – Јаким Неделков.
Тој се заблагодари на сите родители, наставници и ученици кои имаа разбирање за овој процес.
„Исто така ви се извинувам и ви благодарам на вас новинарите кои бевте трпеливи во периодов кога се очекуваше да завршат преговорите со СОНК“ – потенцираше Шаќири.
Зголемувањето треба да се очекува од септемвриската плата. Министерот потврди дека платата за овој месец целосно ќе им биде исплатена на штрајкувачите.
Неделков потврди дека овој предлог на медијаторот, што го прифатија со МОН, ќе важи и за вработените во градинките.
Тој нагласи дека во партнерски однос со министерствата ќе се разговара за буџетите пред тие да бидат донесени, односно ќе се разгледува буџетот за 2023 година.
Спогодбата треба да се потпише во рок од 10 дена.