
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најави дека 300 невработени лица ќе добијат можност за работен ангажман во времетраење од една и пол година во полето на социјални и здравствени услуги на локално ниво.
Мерката, како што потенцира Дурмиши, е за подобрување на квалитетот на услуги за ранливите категории граѓани, како што се стари лица, лица со оштетен вид, слух, телесна, интелектуална или комбинирана попреченост, материјално необезбедени деца и лица други ранливи групи.
„Услугите што ќе се обезбедуваат вклучуваат дневно згрижување во дневни центри, помош во домашни услови и поддршка преку испорака на инструментални услуги за независно живеење на овие категории граѓани. Мерката опфаќа и воспитно-образовна дејност за деца на претшколска возраст, деца со попреченост во редовен образовен процес и поддршка за деца од социјално загрозени семејства преку обезбедување образовни и лични асистенти“, изјави министерот за економија на денешната прес-конференција.
За оваа намена од страна на Министерството за економија е објавен повик на кој до 8 август годинава ќе може да аплицираат единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје.
Лицата кои ќе бидат ангажирани ќе добиваат месечен надоместок од 28 000 денари, вклучувајќи осигурување и данок. Средствата за исплата во првите шест месеци ќе бидат обезбедени од Агенцијата за вработување, а останатите 12 месеци ќе бидат во надлежност на општините и Градот Скопје.
Ваквата мерка, според Дурмиши, на невработените ќе им овозможи практично искуство, стабилност и социјална поддршка, а на општините квалитетни и неопходни услуги за своите граѓани.