
САД излегува од УНЕСКО поради прашањето со Палестина и Израел
УНЕСКО промовира раздорни социјални и културни каузи и се залага за идеолошка и глобалистичка мапа за меѓународен развој, која е во спротивност на надворешната политика „Америка на прво место“ – смета администрацијата на Трамп.
Соединетите Американски Држави повторно ќе се повлечат од УНЕСКО (Организација на Обединетите нации за образование, наука и култура). Америка веќе еднаш ја напушти оваа меѓународна организација, односно на крајот од 2018 година, па повторно се врати во јуни 2023 година.
„Продолженото учество на САД во УНЕСКО не е во национален интерес“, изјави портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус.
Таа додаде дека според нив УНЕСКО промовира раздорни социјални и културни каузи и се залага за идеолошка и глобалистичка мапа за меѓународен развој, која е во спротивност на надворешната политика „Америка на прво место“.
„Одлуката на УНЕСКО да ја признае ‘државата Палестина’ како земја членка е многу проблематична, спротивна на политиката на САД и придонесе за ширење на антиизраелската реторика во рамките на организацијата“, образложи Брус.
САД формално ќе излезе од меѓународната организација на 31 декември 2026 година.
Од УНЕСКО изразија жалење за ваквата одлука на Америка, но исто така соопштија дека биле подготвени на ова.
Израелскиот министер за надворешни работи им се заблагодари на Американците за нивната поддршка и ја поздрави ваквата одлука.
„Ова е неопходен чекор, наменет за промовирање на правдата и правото на Израел на фер третман во рамките на системот на Обединетите нации, право кое често се крши поради политизацијата на ова тело“, напиша министерот Гидеон Сар на мрежата Икс.