
Премиерот ќе предложи пет потрошувачки кошнички, СДСМ обвини дека власта ги турка граѓаните во сиромаштија
🔴 Реакциите на власта и опозицијата доаѓаат по објавата на Сојузот на синдикати на Македонија оти синдикалната минимална кошничка пораснала за нешто повеќе од 630 денари од јуни до јули.
Премиерот Христијан Мицкоски најави оти ќе предложи на следната седница на Економско-социјалниот совет, за која вели дека очекува да се одржи во најскоро време да синдикалната минимална кошничка биде поделена во пет сегменти – Потрошувачка кошничка за самец, за млад брачен пар, трочлено семејство, четиричлено семејство, како и кошничка за пензионери. Тој вели дека на овој начин би биле опфатени потребите на луѓето согласно нивната возраст, но и според бројноста во однос на тоа како е сочинета една заедница и оти ваквите анализи би дале повеќе информации за да се дојде до пооптимални резултати.
„Ова ќе биде мој предлог кој сум го разговарал со академската фела и мислам дека е добар за разгледување и дебата на тој совет да имаме неколку потрошувачки кошнички затоа што потребите на еден пензионерски пар не е ист како на еден млад брачен пар. Или на трочлено и четиричлено семејство или на самец. Јас немам проблем да направиме една темелна анализа бидејќи само со повеќе податоци може да дојдеме до подобри резултати“, рече Мицкоски.
Од опозициската СДСМ пак, преку соопштение реагираат дека новото зголемување на кошничката претставува нов удар по џебот на граѓаните и оти овие поразителни бројки се резултат на промашената и аматерска економска политика која ВМРО-ДПМНЕ ја води веќе една година. Дополнително, велат, не само што тие немаат план како да се справат со растечката инфлација, туку упорно не прифаќаат ниту еден предлог кој бил понуден од СДСМ за намалување на цените и зголемување на платите.
„Животот станува уште поскап, инфлацијата притиска а куповната моќ на граѓаните е срушена. Ова е показател за целосниот дебакл на економските политики на Владата. Со ВМРО-ДПМНЕ граѓаните од ден во ден стануваат се посиромашни. Потребни се конкретни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и итно покачување на платите на работниците. Но оваа влада си мисли на на себе и на сопствените потреби со што ја загрозува економската сигурност на секое семејство во земјава“, соопштија од СДСМ.
Денеска, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) објави дека синдикалната минимална кошничка изнесува 65 328 денари или 1062 евра, а доколку во пресметката влезе и изнајмен стан од 60 квадрати за еден месец, кошничката изнесува 80 703 денари или 1311 евра, што пак претставува поскапување за 630 денари споредено со претходниот месец.
ССМ: За да преживее на едно семејство му требаат над 65.000 денари месечно