
Кинескиот премиер Ли Ќијанг го објави почетокот на изградбата на најголемата хидроелектрана во светот, која се наоѓа на источниот крај на Тибетската висорамнина, со проценета вредност од околу 170 милијарди долари.
Проектот е дел од напорите на Кина за проширување на обновливите извори на енергија и намалување на емисиите на јаглерод, објави кинеската новинска агенција Синхуа во неделата, цитирана од Ројтерс.
Браната, која ќе се состои од пет каскадни хидроелектрани, ќе биде лоцирана во долниот тек на реката Јарлунг Зангбо и би можела да влијае на милиони луѓе низводно во Индија и Бангладеш.
Властите не кажаа колку луѓе ќе расели проектот во Тибет или како ќе влијае на локалниот екосистем, еден од најбогатите и најразновидните на висорамнината.
Сепак, според кинеските претставници, хидроелектричните проекти во Тибет нема да имаат големо влијание врз животната средина или врз снабдувањето со вода низводно. Индија и Бангладеш сепак изразија загриженост за браната, како и многу невладини организации.
Се проценува дека браната ќе има капацитет од 300 милијарди киловат-часови електрична енергија годишно и се очекува да помогне во задоволувањето на локалната побарувачка за енергија во Тибет и делови од Кина.