(Видео) Малески: Иднината ни заминува, а ние уште бараме решенија

🔴 Додека политичките елити нудат декларативна загриженост, Македонија се соочува со една од најсериозните демографски и општествени кризи – масовно иселување на млади, високообразовани кадри и драматично губење на човечки капитал. Според експертот и истражувач на теми од областа на младите Блажен Малески, проблемот одамна го надмина прашањето на економски мотиви и премина во длабока недоверба кон институциите, неперципирање на младите како креатори на иднината и отсуство на конкретна стратегија за нивно задржување. Само според последниот попис, од државата „исчезнале“ над 77.000 млади на возраст од 15 до 29 години, што ја потврдува трагичната вистина: наместо да градат тука, тие заминуваат да создаваат таму каде што се чувствуваат вреднувани. Малески предупредува – државата не само што ја губи иднината, туку ја расфрла и сегашноста.

Додека политичките елити нудат декларативна загриженост, Македонија се соочува со една од најсериозните демографски и општествени кризи – масовно иселување на млади, високообразовани кадри и драматично губење на човечки капитал. Според експертот и истражувач на теми од областа на младите Блажен Малески, проблемот одамна го надмина прашањето на економски мотиви и премина во длабока недоверба кон институциите, неперципирање на младите како креатори на иднината и отсуство на конкретна стратегија за нивно задржување. Само според последниот попис, од државата „исчезнале“ над 77.000 млади на возраст од 15 до 29 години, што ја потврдува трагичната вистина: наместо да градат тука, тие заминуваат да создаваат таму каде што се чувствуваат вреднувани. Малески предупредува – државата не само што ја губи иднината, туку ја расфрла и сегашноста.

„Јас би го поделил во повеќе фази она иселување на луѓето од државата. Ако порано на почетокот од дваесеттиот век сме имале некоја традиција на гастрбајтерство и заминување во далечни средини, Австралија, Канада, Америка за изнаоѓање на подобар економски живот пред сѐ за тие граѓани, денеска имаме еден феномен каде не заминуваат само оние кои немаат работа во Македонија туку заминуваат и оние највисоко образовани кадри во коишто инвестираме ние како општество или држава значителен број на финансиски ресурси за да ги обучиме, но понатаму заминуваат да ги искористат талентите во други држави и општества пред сѐ во западна Европа во последниве неколку години. Тоа може да го забележиме во однос на младите. Ако ги споредиме податоците на живородени млади коишто би требало да бидат млади од 15 до 29 години на пописот од 2021 нас ни фалат околу 77.000 млади луѓе во зависност од генерацијата. Од ’94 родени млади луѓе – 30% од нив не живеат во државата не се резидентно население, а треба да имаме на ум и дека согласно истражувањата на Вестминстер фондацијата, каде пробуваат да изнајдат колку не чини иселувањето на младите луѓе, нивната проценка е дека секое иселување на млад човек којшто е работоспособен не кошта околу 15.000 евра во БДП“, изјави во магазинот „Трилинг“ Блажен Малески околу прашањето на што се должи демографската криза и перманентниот егзодус кој ни се случува во последниот период.

За двата пописа 2002 и 2021 и анализите кои покажуваат дека бројот на млади луѓе во Македонија се намалил за повеќе од 6% и имајќи предвид дека е голема временската разлика помеѓу овие два пописа зошто ништо не е преземено, Малески вели дека за тоа не постои точен одговор.

„Првата грешка која што ја правиме, ако разговараме конкретно за млади, е да зборуваме во група каде што мислиме дека е хомогена. Напротив се исто толку различни како што е и нашето општество. Имаме различни етникуми, економски ситуации, можности, па оттаму решението би било некое сеопфатно гледиште и сеопфатна промена на начинот на кој ние размислуваме како општество но и како институциите ги перципираат младите и нивните потреби. Ако до пред 20 години во пописот 2002 година сме имале проблеми со невработеноста кај младите која изнесуваше некаде околу 50% денеска проблемот е драстично помал – само 23% од младите се невработени, односно стапката на невработеност паѓа, што е резултат и на иселувањето и на намалувањето на младите но и подобрената економска ситуација и вработувањето на младите. Но тоа не значи дека младите нужно веруваат во институциите. Тие не се чувствуваат како дел од ова општество. Не сметаат дека институциите прават доволно за нив, не сметаат дека институциите работат во нивниот интерес и следствено на тоа тука настанува тоа незадоволство и несигурност којашто ја чувствуваат за својата сопствена иднина и неможноста да направат промени во општество.

-Каде што имаме млади луѓе, млади експерти кои заминале, говорам за регионов, ако ја земеме за пример Црна Гора тие знаат како да го искористат својот потенцијал со враќање на млади луѓе и каде сега ги имаме помеѓу најмладите премиери и претседатели и реактивирање во политичкиот живот. За жал ние сѐ уште пробуваме да изнајдеме начин да ги задржиме младите, да им дадеме подобра иднина, дали тоа ќе биде во членувањето во ЕУ, но и од друга страна како да го искористиме целосниот потенцијал на оние кои веќе заминале и да им дадеме шанса и доверба дека можат нешто навистина да променат во нашата држава“, смета Малески.

Говорејќи околу тоа како се доведовме до степен да имаме недостиг од работна сила, се помалку младите перспективата да ја бараат дома туку напротив да бараат билет за еден правец, Малески смета дека нашата голема грешка е што се фокусираме на делови од проблемите.

„Како што реков пред 20 години се концентриравме на младинската невработеност, но тоа не ги спречи да заминат дури и оние кои добро заработуваат во однос на просечната плата во државата. Сржта на проблемот е дека не сакаме да се соочиме со проблемите кои се пред нас. Под А – недовербата во институциите, под Б – недостапноста на институциите за младите луѓето, трето сметам дека недоволно се адаптиравме на новите реалности и новиот начин на живот кој е релативно брз – брз проток на информации каде може да успеете било каде во светот. Дури и да живеете во Македонија може да успеете во целокупниот свет. Мислам дека генерално ние пробуваме да се концентрираме на нијансите место да го соочиме поголемиот проблем кој го имаме и општествено а тој е во разбирањето на младите и на нивните потреби и адаптирање на нашите процеси кон нив“, смета Малески.

Околу изреката „на младите е иднината“ и што тогаш станува со сегашноста, Малески смета дека токму тука лежи проблемот.

„Ако осум од десет млади не се чувствуваат дека можат да променат нешто и затоа не се активни во општествениот живот тогаш не може да очекуваме дека иднината е на нив, ниту денешницата. Бидејќи не се активни не го преземаат чекорот да кажат што навистина сакаат да поправат во државата“, вели Малески.

За предлогот верските улишта да влезат во образовниот систем и дали ова не е обид за поткопување на секуларниот карактер на државата, Малески вели дека формално-правно тоа Уставниот суд ќе одлучи дали е тоа прекршување на Уставот и дали е поткопување на уставниот поредок.

„Според мене тоа е повеќе политичко прашање каде што пробуваат да одговорат на специфичните потреби на одредени заедници, пред сѐ на верските заедници и како нив да ги вклучат во државното битување. Сметам дека религиозното образование е опција којашто секој може да ја искористи, прашање на државата е како тоа ќе го регулира, дали сака да го направи под капата на државата или сака да го остави на верските заедници како такво и непризнаено за понатаму, рече Малески.

Целиот разговор погледнете го во видеото.