Калас: Се надевам ќе постигнеме договор за 18-от пакет санкции кон Русија

Многу сме блиску до тоа и се надевам дека ќе се случи денеска или утре и дека ќе го усвоиме 18-тиот пакет санкции, рече Калас.

Се надевам дека шефовите на дипломатиите на земјите членки на денешниот состанок ќе постигнат политичкиот договор за 18-тиот пакет санкции кон Русија, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас пред денешниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАЦ) во Брисел.

– Многу сме блиску до тоа и се надевам дека ќе се случи денеска или утре и дека ќе го усвоиме 18-тиот пакет санкции, рече Калас.

Таа ги поздрави најавите од САД за испорака на оружје за Украина, изразувајќи надеж дека тие ќе продолжат и дека Киев ќе го добие сето она што му е ветено.

– Тобар знак е дека САД, исто така, сфатија оти Русија не сака мир. Треба да ја поддржиме Украина и треба да извршиме притисок врз Русија. Се надевам дека и Американците ќе дејствуваат со свој пакет санкции или царини, така што ќе се изврши притисок врз Русија да ја запре оваа војна, истакна Калас.

Високата претставничка додаде дека на состанокот ќе стане збор за Газа и за договорот со Израел подобрување на хуманитарната состојба во Појасот, која, како што рече, се уште е многу лоша.

– Гледаме некои позитивни знаци кога станува збор за отворање на граничните премини. Гледаме некои позитивни знаци дека почнуваат со обнова на електричните мрежи, со снабдувањето со вода, а пристигнуваат и повеќе камиони со хуманитарна помош. Но, секако треба да видиме вистинско подобрување за луѓето на терен, рече Калас.

Според неа, јасно е дека во ситуација кога нема прекин на огнот е многу потешко да се обезбеди помош за населението, но дека ЕУ сепак работи на тоа да им се помогне на луѓето.

Калас додаде дека на земјите членки им презентирала документ со можни опции на мерки против Израел доколку не преземе активности за подобрување на состојбата, потенцирајќи дека сепак во моментов главниот фокус е на подобрување на состојбата на луѓето на терен.

Во однос на Грузија, Калас истакна дека ЕУ нотира „сериозно назадување“ во земјата, па министрите ќе разговараме за можните чекори на Унијата.

– Сите опции се на маса, вклучувајќи и суспензија на визниот режим и други мерки што би можеле да ја натераат грузиската Влада да го промени однесувањето, рече Калас, информирајќи дека упатила писмо до Грузија со одредени услови што мораа да ги исполни Тбилиси и доколку тие не бидат исполнети во одредениот рок, тогаш ЕУ ќе мора да ја суспендираме визната либерализација.