
Обвинителството бара притвор за лицето кое физички ја нападна Арсовска
За второосомничениот, кој упатувал закани кон скопската градоначалничка, пак, се предложени мерки на претпазливост кои вклучуваат забрана за приближување и воспоставување контакт со Арсовска и другите оштетени.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе постапка против две лица во врска со вчерашниот инцидент во скопски Чаир, кога вербално и физички беше нападната градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Изнесувајќи детали за настанот, од Обвинителството велат дека првоосомничениот се заканувал и физички ја нападнал Арсовска додека таа и вработените во службите на Градот по претходна пријава биле на вонреден надзор на дивоизграден обејкт на улица „Севастополска” во Чаир.
„Тој се претставил како сопственик на објектот во градба, па почнал грубо да ја навредува, да ѝ се заканува, по што и физички ја нападнал. Кога изреагирале останатите вработени во градските служби и припадниците на МВР и го тргнале првоосомничениот, со закани продолжило и второосомниченото лице. Со чинот на насилство двајцата осомничени во јавноста и кај другите присутни лица предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв“, наведуваат од ОЈО Скопје.
За двете лица се води постапка за кривичното дело насилство.
За првоосомничениот – скопското обвинителство до Основниот кривичен суд Скопје предложи мерка привор, додека за второосомничениот се предложени мерки на претпазливост кои вклучуваат забрана за приближување и воспоставување контакт со Арсовска и другите оштетени, забрана за напуштање на домот, одземање на патната исправа и повемено јавување кај определено лице во Судот.
Претходно денеска, Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека во врска со инцидентот во Чаир, се поднесени кривични пријави против две лица – С.Љ. и С.Љ. за кривичното дело насилство.
Француската амбасада со остра реакција за нападот врз Арсовска