Бразилскиот претседател го отвори самитот на БРИКС со повик за мир во Украина и „запирање на геноцидот во Газа“

Сите страни во конфликтот во Украина мора да го продлабочат дијалогот за да најдат мирно решение и да воспостават траен мир, изјави бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва на отворањето на самитот на БРИКС во Рио де Жанеиро.

Сите страни во конфликтот во Украина мора да го продлабочат дијалогот за да најдат мирно решение и да воспостават траен мир, изјави бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва на отворањето на самитот на БРИКС во Рио де Жанеиро.

Лула да Силва, исто така, апелираше до меѓународната заедница „да не остане рамнодушна кон геноцидот што го врши Израел во Газа“, пренесува БТА.

– Апсолутно ништо не ги оправдува терористичките акти што ги врши Хамас. Но, не можеме да останеме рамнодушни кон геноцидот што го врши Израел во Газа, убивањето на невини цивили и употребата на изгладнување како оружје во војната, рече бразилскиот претседател во обраќањето на отворањето на состанокот.

Според Лула да Силва, светот се соочува со „невиден колапс на мултилатерализмот“, нагласувајќи дека самитот на БРИКС се одржува во време на „најлошото глобално сценарио“.

Тој ја повика групата БРИКС да промовира мир и да посредува во конфликтите.

– Ако меѓународниот поредок не ја одразува новата мултиполарна реалност на 21 век, БРИКС треба да придонесе за негово обновување, рече бразилскиот претседател.

На самитот на БРИКС прв пат не присуствува кинескиот претседател Си Џинпинг, а рускиот претседател Владимир Путин учествува преку видеоконференциска врска. На состанокот во Рио де Жанеиро не присуствуваат и претседателите на Иран Масуд Пезешкијан и на Египет Абдел Фатах ал-Сиси.