
Орце Ѓорѓиевски, актуелен градоначалник на Општина Кисела Вода, е кандидатот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ кој ќе се бори за прв човек во Град Скопје на локалните избори во октомври годинава.
Партиската одлука, по одржаната седница на Извршниот комитет, денеска ја соопшти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој рече дека таа се темели на анкетите кои покажуваат дека Ѓорѓиевски води убедливо дури и петпати повеќе во однос на решенијата што се споменуваат од СДСМ, а како градоначалник покажал резултати.
„За овој период што го познавам Орце знам дека е мотивиран да победува прво на изборите, а потоа секој ден за Град Скопје. Тој ќе биде нова енергија која му е потребна на Скопје, после четири години девастација на градот. Ги научивме сите лекции за да не погрешиме сега повторно во изборот на градоначалник“, рече Мицкоски.
Ѓорѓиевски рече дека е свесен во каква состојба е градот Скопје и за сето сивило што владее.
„Апсолутно сум свесен за девастацијата на градот и за сивилото во кое живееме сите скопјани. Но, спремен сум по изборите да го воскреснам Скопје и тој да стане град за достоинствен живот, град без делби. Ќе останам достапен и близок до сите граѓани. Не очекувајте од мене да бидам салонски политичар затоа и што и во мојата општина покажав дека сум човек што често е во населените места и меѓу граѓаните“, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека ја бара поддршката од сите скопјани без разлика на политичката припадност велејќи дека за него постојат само скопјани што си го сакаат или не си го сакаат градот.
Најави дека веќе од утре ќе почне со теренски посети и креирање на програмата со која ќе настапи на изборите.
„Време е да изградиме град со кој не само ние, туку и генерациите после нас ќе се гордеат. Фокус ќе биде решевањето на сообраќајниот хаос и хигиената. Градот ни е валкан и тоа е најголемиот проблем на скопјани“, рече Ѓорѓиевски.
За разговорите со коалициониот партнер ЗНАМ околу поддршка на кандидати на локалните избори, Мицкоски рече дека тие се водат во прилично конструктивна атмосфера.
„Можам да кажам дека разговорите со ЗНАМ се водат во прилично конструктивна атмосфера, во конструктивен дух, и водат кон решение кое што ќе значи дека во оние општини каде што ќе се поддржуваме, ќе има или коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ кандидат за градоначалник, или политичката партија ЗНАМ, а листите за советници ќе бидат посебни, т.е. тие ќе си настапат со свои советнички листи, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со свои советнички листи. Кога ќе има некои детали, конкретни детали, тогаш ќе излеземе во јавноста со тие конкретни детали“, изјави Мицкоски.
Во однос на соработката со ВЛЕН, Мицкоски рече дека е логично таа да продолжи и на локалните избори.
„Ние сме во коалиција со ВЛЕН и во Владата, логично е дека таа соработка да продолжи на следните локални избори“, рече премиерот.