Шукова: Има 261 милион евра помалку странски инвестиции, ВМРО-ДПМНЕ ја уништи довербата на инвеститорите

Потпретседателката на СДСМ вели дека залуден е обидот на премиерот Мицкоски да го прикрие падот со најава за нова инвестиција од 30 милиони евра, тврдејќи дека реалноста е јасна – економијата оди надолу, а инвеститорите си заминуваа.

Странските инвестиции во Северна Македонија се намалени за 261 милион евра, вели потпретседателката на СДСМ Каја Шукова обвинувајќи ја Владата на ВМРО-ДПМНЕ дека ја уништила довербата на инвеститорите.

Шукова рече дека податоците на Народната банка покажуваат дека во последниот квартал од 2024 година, странските директни инвестиции (СДИ) се намалиле од 397,5 милиони евра на 135,8 милиони евра, што претставува пад од 261,7 милиони евра.

Во споредба со истиот квартал минатата година, Шукова рече дека падот е 191,4 милиони евра што, според неа, е најниско ниво на СДИ од 2020 година, кога имаше пандемија со ковид-19.

Шукова нагласи дека овој пад се случува во услови кога нема глобална криза, туку домашен економски колапс, кој според неа, е резултат на „неспособната Влада на ВМРО-ДПМНЕ“.

Таа потсети дека минатата година СДИ изнесувале 1,25 милијарди евра, што според неа е резулата на „правилните политики на владата на СДСМ кои придонесоа за стабилна деловна клима, предвидливост и доверба кај странските компании“.

Потпретседателката на СДСМ вели дека залуден е обидот на премиерот Мицкоски да го прикрие падот со најава за нова инвестиција од 30 милиони евра, тврдејќи дека реалноста е јасна – економијата оди надолу, а инвеститорите си заминуваат.

Таа додаде дека ВМРО-ДПМНЕ за една година успеала да ја уништи деловната клима за странските инвеститори, која СДСМ ја воспоставила.

Според Шукова, странските компании инвестираат таму каде што има стабилност, јасни правила, економска визија и владеење на правото, а ништо од тоа не постои во Македонија со Владата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Реалната слика е спротивна од очекувањата на инвеститорите – влада без капацитет, нестабилна економска политика, замрзната европска агенда, партиски популизам и нефункционална дипломатија“, рече Шукова на денешната прес-конференција.

Таа се осврна на економската состојба на граѓаните, наведувајќи дека животниот стандард никогаш не бил полош. Шукова тврди дека куповната моќ на граѓаните е намалена за 20 отсто, а платите не растат додека цените секојдневно одат нагоре.

„Северна Македонија е претпоследна во Европа по минимална плата, само Албанија пониска. 70 отсто од вработените во Македонија живеат со плата под 500 евра, средната класа исчезнува, а младите заминуваат поради недостаток на перспектива“, додаде таа.

Ова, според неа, е реалноста што ВМРО-ДПМНЕ сака да ја сокрие, а во која граѓаните се борат за еден оброк „додека власта се луксузира, си ги покачуваат платите и продаваат приказни дека сме четврти во Европа“.

Шукова рече дека СДСМ ќе продолжи да се бори за стабилна економија, за вистински економски раст, за држава атрактивна за инвестирање, за економија што носи нови работни места и подобар живот за сите граѓани.