Марш во Кочани: Ајде, мајки, на +40 степени да докажеме дека нема ништо посилно од мајчинската љубов, тага и болка

Здружението на граѓани „16 март 2025 – Кочани“, во кое членуваат родителите и блиските на настраданите во трагичниот пожар во клубот „Пулс“, ја најави 12-та протестна шетња под мотото „Марш за ангелите“.

Маршот ќе се одржи денеска, на 5 јули,во 18:05 часот, и ќе започне од Паркот на Револуцијата, по што ќе продолжи кон Трговскиот центар, Општина Кочани, Полициската станица, Основниот суд и Јавното обвинителство.

Маршот е израз на сеќавање и болка за прерано згаснатите животи, но и апел за одговорност и неселективна правда, која семејствата ја бараат речиси четири месеци по трагедијата.

„Ајде, мајки Македонки, на +40 степени да докажеме дека нема ништо посилно од мајчинската љубов, тага и болка“, напиша на социјалните мрежи Мита Тасева, мајка на загинатиот диџеј, повикувајќи на масовност и солидарност.

Семејствата ги повикуваат сите граѓани кои ги поддржуваат во нивната борба за вистина и правда – да се приклучат и да не дозволат трагедијата да биде заборавена или заташкана.