(Видео) Македонскиот идентитет и јазик – меѓу европските преговори и националната позиција

Македонски јазик и идентитет веројатно нема да бидат споменати во извештајот на Европскиот парламент идната недела. Неделава пак заврши лидерскиот самит во редуциран состав, а посветен на перспективата на Западниот Балкан. Албанија и Црна Гора се оддалечуваат, поточно се приближуваат кон ЕУ. Македонија пак е сѐ уште во своите историски петна и заблуди, но и потврди што веќе и цел свет ги знае - идентитет и јазик, иако сѐ уште некој денеска ги оспорува.

Македонски јазик и идентитет веројатно нема да бидат споменати во извештајот на Европскиот парламент идната недела. Неделава пак заврши лидерскиот самит во редуциран состав, а посветен на перспективата на Западниот Балкан. Албанија и Црна Гора се оддалечуваат, поточно се приближуваат кон ЕУ. Македонија пак е сѐ уште во своите историски петна и заблуди, но и потврди што веќе и цел свет ги знае – идентитет и јазик, иако сѐ уште некој денеска ги оспорува. Толку сме сензитивни што на нож ја дочекавме паралелата на Марта Кос. Македонски идентитет има и со тавче гравче, полнети пиперки и пинџур, рече еврокомесарката за проширување. И многу други добронамерници од светот знаат да речат дека се воодушевени од македонската традиционална кујна и тоа е пријатно за уво. Непријатни пак се другите точки од извештајот кој го испорача Брисел.

„Јас искрено лично сум разочарана, но за мене ваквата реакција не е неочекувана. Како што знаете, институцијата којашто ја предводам работи анализи, прави детални испитувања и се она кое што го објавува е основано на докази. Ние уште во 2008-та година кога се случи Букурешкиот самит препорачавме дека прашањата поврзани со историјата и идентитетот како што е јазикот треба да бидат тргнати од било какви преговори со НАТО или ЕУ, заради тоа што тоа може да влијае на сувереноста на државата на крајот на краиштата, на нејзиното право на самоопределување, особено на правото на самоопределување на македонскиот народ. Во времето кога се подготвуваше Преспанскиот договор јас лично јавно застапував дека треба да се почека, да не се избрзува заради тоа што геополитичката состојба се менува, дека може да се влезе во НАТО и под референцата ФИРОМ, дека промената и географските додавки на името можат да влијаат на македонскиот идентитет, што сега го гледаме, којшто ќе биде оспоруван не само од Грција туку потоа ќе се придружат и останатите членки на ЕУ. Со Преспанскиот договор се направи еден преседан кој сега се користи не само од Бугарија туку и солидарно од сите останати членки на ЕУ за да се притисне Македонија да подлегне под притисокот на Бугарија и барањата за редефинирање на Уставот, прифаќање на останатите аргументи кои тие ги имаат во однос на интерпретацијата на историјата и јазикот“, смета проф. д-р Марија Ристеска директорка на Центарот за истражување и креирање политики.

Таа додава дека сето тоа било предвидливо и нашата позиција требала да биде различна и во преговорите околу Преспанскиот договор и да не се потпише билатералниот Договор со Бугарија, кој според Ристеска ја поставува Македонија во една позиција која што е невозможна во преговорите со ЕУ да го одбрани идентитетот.

„Ова што сега го гледаме е само резултат на тие дипломатски грешки“, додава Ристевска.

„Македонскиот идентитет е променет со смената на името на државата во Република Северна Македонија. Тоа го гледаме секојдневно. Имате северномакедонски јазик, северномакедонска држава. Тоа е природно затоа што такви се конструкциите јазични на поголемиот дел од германските јазици, но исто така се гледа и една неконзистентност во однос на активностите на МНР, не само сега туку и претходно во одбрана на она што барем македонската страна се обиде да го зачува – Македонци, македонски јазик, вели Ристеска.

Фото: Трилинг / Драган Тилев

„Она што се случуваше во Европскиот Парламент  што сѐ уште трае, ќе видиме каков ќе биде епилогот на крајот, внесува елементи од билатерален карактер коишто можат да ја проблематизираат понатаму ситуацијата и да предизвикаат нови таласања по однос на идентитетските прашања доколку, се надевам дека тоа нема да се случи, се додаде додавката „современ“ бидејќи во тој случај ќе се проблематизира генезата, историјата, коренот на нашите идентитетски обележја, историјата, јазикот, правата на малцинствата, реципроцитетот и се она што оди со идентитетските обележја и идентитетските прашања. Како дојдовме до тука – тоа е за посебна анализа, сме пишувале, говореле многупати наназад, но основната позиција, таа којашто ја држевме, таа којашто ја држиме и таа којашто не може да ја промениме и не смееме да ја промениме е дека билатералните прашања треба да останат за билатерален дијалог. Тие навистина еден дел од нив се прашања кои се поврзани со формулациите кои ги имаме и во Преспанскиот договор и во Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017-2018. Еден дел од нив се разрешени, ние сметаме и другата страна смета дека е тоа така, но не секогаш на исти начин ги толкуваме“, вели Драган Тилев државен советник за европски прашања и додава дека најдобро е билатералните прашања да не се составен дел на европските документи.

-Тие (билатералните прашања) се составен дел на билатералните односи и на билатералните договори. Така и треба да се третираат и така и треба да се опсервираат. Тоа треба да биде настојувањето и наше, бидејќи да бараме од некој да ни го признае нашиот идентитет или нашиот јазик мислам дека после толку долго време опстојување како држава како и корените наши историски и идентитетски ги имаме во генеза уште 19 и 20 век мислам дека не треба да биде предмет на било какви преговори и разговори. Всушност 2021 година нашето Собрание донесе Резолуција со поприлично јасен, чист речник во кој се вели дека идентитетските прашања – историја, јазик, малцински права не смеат и не можат да бидат предмет на преговори и не смее да се прифати да бидат предмет на преговори. Таа позиција тогаш беше подржана од сите политички партии и огромен број од членовите во тој момент на Парламентот гласаа во корист на таа Резолуција. Таа Резолуција е основата врз основа на којашто треба да се градат нашите позиции и треба да се задржи тој став, смета Тилев.