Коцевски до пратениците: Борбата против криминалот не може да се води со симболичен буџет

Државата ризикува да изгуби 6 милиони евра од ИПА 3 програмата на Европската Унија, бидејќи Владата со ребалансот на буџетот повторно не предвидува едвај 1 милион евра кофинансирање, предупреди јавниот обвинител Љупчо Коцевски на седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет, посветена на ребалансот на Буџетот за 2025 година.

Државата ризикува да изгуби 6 милиони евра од ИПА 3 програмата на Европската Унија, бидејќи Владата со ребалансот на буџетот повторно не предвидува едвај 1 милион евра кофинансирање, предупреди јавниот обвинител Љупчо Коцевски на седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет, посветена на ребалансот на Буџетот за 2025 година. Парите се наменети за дигитализација на неколку клучни институции, вклучително и за воведување на модерен систем за електронско управување со предмети во обвинителството. Наместо да се искористи можноста за технолошки исчекор, државата со својата незаинтересираност го доведува во прашање целиот проект и, како што рече Коцевски, „ризикуваме да пропадне меѓународниот тендер и да ги изгубиме парите од ИПА“.

Обвинителот посочи дека технички експерти од странство веќе соработувале со обвинителството за дефинирање на условите за јавната набавка и креирање на новиот систем кој, според него, требало да биде еден од најсовремените во регионот. Но, неопходното кофинансирање од страна на државата не е предвидено ниту со овој ребаланс.

Во обраќањето, Коцевски низ бројни примери ја прикажа алармантната состојба со која се соочуваат јавните обвинителства во државата, посебно кога станува збор за буџетот, човечките ресурси, техничката опременост и долгорочната одржливост на започнатите реформи. Тој нагласи дека оваа година обвинителството повторно добива само половина од средствата што законски му следуваат – иако Законот за јавното обвинителство прецизно утврдува дека 0,4% од вкупниот државен буџет мора да бидат наменети за оваа институција.

„Притоа нагласувам, во законот стои ‘од вкупниот државен буџет’, а не од буџетските приходи. И повторно и оваа година ни беа доделени само половина од законски предвидените пари“, истакна Коцевски.

Тој додаде дека иако оваа година средствата барем не се скратени, доделените околу 14,5 милиони евра не се доволни дури ни за извршување на основните функции. За реализација на реформската агенда, рече тој, не станува ниту збор.

Посебен акцент стави на фактот дека клучни функции и инфраструктурни капацитети во обвинителствата се изградени со странска поддршка, додека државата не обезбедува средства за нивна одржливост. Како пример го наведе отворањето на прилагодена соба за сослушување на деца жртви, целосно финансирана од Европската Унија, и истражните центри во обвинителствата, кои, и покрај планираното проширување во Битола и Штип, немаат предвидени средства за функционирање.

„Дел од лиценците на донираните скапи софтвери веќе истекуваат, а државата не обезбедува пари за продолжување на лиценците со што ја доведуваме во прашање одржливоста дури и на странските проекти“, нагласи тој.

Коцевски предупреди и на сè поголемите трошоци кои паѓаат на товар на обвинителството при процесуирање на крупни предмети. Како примери ги наведе случаите Онкологија и трагедијата во Кочани, во кои биле изработени скапи и обемни вештачења во странство. „Во најава се уште неколку предмети во кои, поради недостиг на стручни лица од соодветна област, вештачењата ќе треба да се бараат во странство. А странските институции бараат гаранции дека сработеното ќе им биде навремено платено“, рече Коцевски.

Обвинителот објасни и дека трета година по ред институцијата не добива согласност за нови вработувања, и покрај тоа што тоа е дел од реформските обврски. Тој реагираше на дезинформации дека обвинителството не доставило Годишен план за вработување за 2025, нагласувајќи дека планот е поднесен на 6 септември 2024, а Министерството за финансии го одбило на 23 септември под образложение за оптимизирање на администрацијата.

„На страна што овој Буџет не предвидува средства за нови вработувања, тој не ни дозволува да ги реализираме и обврските за исплата на плати согласно Колективниот договор, за што ќе бидеме соочени со тужби“, додаде тој.

Во своето излагање, Коцевски укажа дека обвинителството не добива речиси никакви средства за активности кои би ја зголемиле транспарентноста и институционалната доверба, иако тоа постојано се бара од нив. Дури и за основно одржување на објектите и набавка на инвентар, средствата се толку мали што, како што рече, „веќе нема ниту заинтересирани фирми кои би се јавиле на јавен оглас“.

Според него, Северна Македонија е на дното во регионот кога станува збор за алоцирање ресурси за обвинителствата. Во Албанија, Комисијата за финансирање и буџет усвоила амандман со кој на СПАК му се доделуваат дополнителни 2 милиони евра. Во Црна Гора, и покрај тоа што државниот буџет е намален, издвојувањата за обвинителството се зголемени и изнесуваат околу 0,45% од вкупниот буџет.

„Секој денар вложен во правда не е залуден. Правдата мора да биде врвен приоритет, но не само декларативно, туку тоа треба да се гледа и преку алокацијата на ресурсите“, нагласи Коцевски. Тој додаде дека обвинителството постапува по сè покомплексни предмети чии исходи ги очекува целата јавност, и изрази уверување дека ќе продолжат да работат посветено и професионално, но повтори дека без реални ресурси, борбата со организираниот криминал и корупцијата е нерамноправна.

Извор: Мета