
Анкета: Речиси осум од десет Грци сметаат дека е важен скандалот со европските земјоделски субвенции
Речиси осум од десет Грци, односно 76 отсто сметаат дека е многу или прилично важен скандалот со европските земјоделски субвенции, според истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“.
Речиси осум од десет Грци, односно 76 отсто сметаат дека е многу или прилично важен скандалот со европските земјоделски субвенции, според истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.
Скандалот со Агенцијата за управување со субвенциите од ЕУ, меѓу кои и земјоделска помош во Грција (ОПЕКЕПЕ) го откри истрагата на европската јавна обвинителка и поради вмешаноста оставки си поднесоа министер во грчката Влада и тројца заменици, а целиот случај во изминатиот период е главна тема во Грција.
На прашањето на кого се однесува случајот со ОПЕКЕПЕ, 33 отсто од испитаниците одговориле „на актуелната Влада“, а исто толку анкетирани сметаат дека се однесува на сите партии.
На политичката сцена, според резултатите од истражувањето на јавното мислење, Нова демократија и понатаму е на првата позиција со 24 отсто, втора е ПАСОК со 11,5 проценти, трета Курс на слободата, а потоа следат, со рејтинг помал од десет отсто, Грчко решение, Комунистичката партија и СИРИЗА.
Истражувањето на агенцијата „Pulse“ за „Скај“ било спроведено од 27 јуни до 1 јули со анкетирани 1.212 граѓани.