
„Мој Термин“ со нова функција – системот ќе се поправа преку поплаки
Министерството за здравство најавува реорганизација на системот „Мој термин“ со цел да се обезбеди поефикасен пристап до специјалистички прегледи и да се воведе ред во упатувањето на пациентите низ различните нивоа на здравствена заштита.
Министерството за здравство најавува реорганизација на системот „Мој термин“ со цел да се обезбеди поефикасен пристап до специјалистички прегледи и да се воведе ред во упатувањето на пациентите низ различните нивоа на здравствена заштита.
Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска истакна дека се подготвува нов систем базиран на јасни упатни протоколи, кој ќе биде поврзан со постојниот „Мој термин“. Преку овие промени, ќе се воспостави подобра координација меѓу примарната, секундарната и терцијарната здравствена заштита.
– Според проценките на медицински стручњаци, околу 70 проценти од пациентите кои сега се лекуваат на терцијарно ниво, всушност припаѓаат на секундарното. Тоа значи дека ќе мора јасно да се дефинираат критериумите за упатување – рече министерот Алиу на прес-конференција во Министерството.
Тој најави дека ќе се воспостават индикатори преку кои ќе се утврдува дали лекарите во примарната и терцијарната здравствена заштита навистина ги даваат услугите кои им се доверени или само ги пренасочуваат пациентите кон повисоките нивоа.
Дополнително, министерот посочи дека се прави анализа која ќе обезбеди податоци за реалната состојба со кадарот и инфраструктурата во здравството, нешто што досега недостасува. Во таа насока, наскоро ќе бидат достапни и транспарентни информации за бројот и распределбата на здравствените работници.
Алиу потсети и дека секој петок, од 10 до 15 часот, во Министерството за здравство се одржуваат кратки средби од по 15 минути со граѓани кои однапред ќе закажат термин онлајн. Тој информираше дека сите термини за наредните три недели, почнувајќи од 4 јули, веќе се резервирани.
Во насока на зголемена отчетност, воведена е нова можност граѓаните да пријавуваат неправилности во здравствениот систем преку веб-страницата на Министерството за здравство. Пријавувањето може да биде и анонимно, но доколку сакаат, граѓаните можат да остават телефон или емаил за да бидат контактирани доколку се потребни дополнителни информации.
Покрај тоа, при пријавата може да се приложат фотографии или документи кои го поткрепуваат случајот – на пример, за подолго чекање или друга нерегуларност. На крајот од секој месец, ќе се објавуваат податоци за тоа колку пријави се поднесени и во кои јавни здравствени установи.
На денешниот брифинг беше најавено и дека се работи на измени во одредени закони поврзани со здравствениот систем.