
Шекеринска: Време е да инвестираме во мирот и стабилноста
Сега е време да инвестираме во она што сите го сметаат за гарантирано. А тоа се мирот и стабилноста, порача заменичката на генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска за време на учеството на конференцијата на Економист во Грција, а паралелно ја нагласи неопходноста Алијансата да се приспособи на новата безбедносна реалност, јави дописничката на МИА од Атина.
Сега е време да инвестираме во она што сите го сметаат за гарантирано. А тоа се мирот и стабилноста, порача заменичката на генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска за време на учеството на конференцијата на Економист во Грција, а паралелно ја нагласи неопходноста Алијансата да се приспособи на новата безбедносна реалност, јави дописничката на МИА од Атина.
Шекеринска рече дека конкретната дискусија за инвестиции во одбрана иако е тешка, сепак е неопходна и посочи дека е потребна искреност од политичарите до граѓаните, кога станува збор за конкретната тема.
– Доаѓам од земја и регион кој сè уште се сеќава на војни. И знам дека, во моментот кога ќе ги изгубите мирот и стабилноста, сè, сите економски бројки, сите проценти од БДП, исчезнуваат. Затоа мислам дека она што ни е потребно, и тука се однесува на сојузниците, е искрен разговор со јавноста. А она што го видовме е дека јавноста ја цени искреноста. Секој политичар би имал многу полесна задача да излезе пред своите граѓани и да каже: „Сега ќе ги трошиме сите овие пари на нешто друго“. И така правевме многу, многу години. А сега е време да инвестираме во она што сите го сметаат за гарантирано. А тоа се мирот и стабилноста, истакна заменичката на генералниот секретар на НАТО.
За одлуките од НАТО Самитот за одвојување пет отсто за одбраната, Шекеринска рече дека се свесни дека е големо барање од владите, даночните обврзници и граѓаните, но „заканата со која се соочуваме е целосно различна и сите се прилагодуваме“.
– Ние не ги бираме времињата во кои живееме, но мора да се прилагодиме на реалниот свет, посочи Шекеринска и се осврна на тоа дека „голем број сојузници веќе се погрижија нивните амбициозни планови навистина да го постигнат нивото од 3,5 отсто“.
Се задржа и на потребата за вклучување на одбранбената индустрија во стратешкото планирање, велејќи дека „не можеме да чекаме пет или десет години на производи“, но и нагласувајќи ја важноста на комбинирање на иновацијата со традиционалната одбранбена индустрија.
– Ајде да најдеме поиновативно решение за заканата, за пристапот, за планот, за имплементацијата на планот. И вака се надеваме дека ќе ја споиме иновацијата со одбранбената индустрија. Но фокусот во наредниот период нема да биде само владите да испорачуваат, туку многу повеќе и одбранбената индустрија да испорачува, затоа што имаме прилично голем број сојузници кои велат: имаме барања до одбранбената индустрија, до произведувачите, заинтересирани сме. Сигналот за побарувачка е јасен, не само поради самитот, туку и поради целта за капацитет. А потоа ни велат – добро, можете да се вратите за пет или десет години. А тоа е нешто што сакаме да го избегнеме, истакна Шекеринска.
Објасни дека токму затоа на НАТО Самитот во Хаг беше организиран големиот индустриски настан и изрази верување дека „постои заеднички интерес и кај одбранбената индустрија и кај сојузниците да се произведува повеќе, подобро, попаметно, и навистина да се направи оваа комбинација од иновација и типична одбранбена индустрија“.