„Нормално е секоја опозиција да се труди што поскоро да има избори и тоа е легитимно. Ние мислиме дека предвремени избори не се потребни. Да мислевме спротивно, пред три месеци немаше да станеме дел од ова Влада, туку ќе одевме на избори“.
Ова го истакна претседателот на Алтернатива – Африм Гаши по одржувањето на првиот дел од конгресот на партијата во Скопје.
„Ние мислиме дека во ваква економска и здравствена криза, заради стабилноста на државата не треба да одиме на избори, но сепак тоа е право на Собранието и 61 пратеник можат да одлучат да се оди на избори. Но, ние сме против тоа“ рече тој.
Гаши потенцираше дека Алтернатива и се приклучи на владината коалиција за да помогне околу добивањето датум за старт на преговорите за членство на земјата во ЕУ.
„Ако во некој момент цениме дека со нашето излегување би се помогнало, тоа би го направиле, но ние мислиме дека треба да има Влада која активно ќе работи на постигнување на договор со Бугарија и преговорите да започнат што побрзо“ смета Гаши.