
Како што соопштија од ЗНАМ, претседателот на Движењето Максим Димитриевски ќе има обраќање на Конгресот, а после завршувањето на работниот дел на конгресот, тој ќе даде изјава за медиумите.
-Движењето ЗНАМ не е само политичка партија – тоа е завет, обврска и надеж за Македонија! Македонија не се гради со празни фрази, туку со храбар избор – избор да останеш, да не се откажеш, да се бориш. Тоа е духот на ЗНАМ, и тоа е силата на нашата генерација! Ова движење е резултат на длабоко чувство на одговорност, историја и љубов кон државата. ЗНАМ е родено од потребата Македонија да застане на нозе, да се ослободи од безнадежноста и повторно да верува во себе. Движењето ЗНАМ е доказ дека политиката може да биде чесна, визионерска и насочена кон народот, порача Димитриевски вчера во воведното обраќање на панел-дискусијата насловена „Посветеност – Отчетност – Резултат“, по повод одбележување една година учество на Движењето во Владата.
Од уличен протест, ЗНАМ изгради, рече тој, сериозна платформа за реформи, транспарентност и правда и носи конкретна промена во ресорите што ги води – јавната администрација и правдата.
-Ги тргаме и ќе ги тргнеме во целост партиските канџи од институциите. Администрацијата не е повеќе плен, туку сервис за народот. Професионализам и квалитет, пред партиски квантитет. Во правосудството, ја почнавме најважната битка: битката за правда без калкулации, без страв и без компромиси, потенцира Димитриевски.
ЗНАМ, дополни тој, е автентично движење, кое ја враќа политиката кај граѓаните и ја отвора вратата на иднината.
-Не почнавме од нула – почнавме од минус. Но не побаравме алиби. Ветивме работа – и испорачавме резултати. Денес Македонија не само што се крева – туку чекори напред со самодоверба и јасна визија! ЗНАМ не е обична политичка организација.
ЗНАМ е завет пред народот, обврска пред историјата,гласот на генерациите што сакаат праведна, стабилна и силна Македонија, порача претседателот на Движењето.
Димитриевски во изјавата за медиумите вчера пред одржувањето на панел-дискусијата насловена „Посветеност – Отчетност – Резултат“, кажа дека до средината на јули неговата партија ќе ги соопшти кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори.
-Ние досега неколку пати потврдивме дека ЗНАМ на овие избори ќе учествува со кандидатски листи за советници самостојно како нов политички субјект. И тоа е добро за нас, да се провериме каде сме и како е нашата доверба. И дополнително со свои кандидати за градоначалници во сите оние општини кои ќе излезат како резултат на преговорите со нашите политички партнери, а тоа во овој случај е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои тие ја предводат. Сметам дека веќе до средината на јули ќе се знае епилогот од тие преговори, рече Димитриевски.
Нагласи дека на местата каде ЗНАМ ќе има свои кандидати за градоначалници, ВМРО-ДПМНЕ ќе преземаат обврска да го поддржат нивниот кандидат уште во првиот круг и обратно.
Димитриевски кој е и актуелен кумановски градоначалник во одговор на новинарско прашање кажа дека би поддржале кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Градот Скопје и оти тоа ќе зависи и од името на кандидатот за градоначалник и од политичкиот договор на партијата.
Тој изјави дека го поддржува предлогот на премиерот Христијан Мицкоски за електронски попис на населението.
-Верувам на идејата за електронско потпишување. Ја поздравуваме таа идеја на премиерот и го чекаме да дојде тој материјал до нас и веднаш потоа ќе се произнесеме. Да, добро е секогаш да знаеме што имаме, кого имаме и со што располагаме во државата и врз база на тоа да креираме планови за иден поголем развој на државата, рече Димитриевски.