Муртезани: Позициите на Бугарија мора да се разделат од оние на останатите земји членки на ЕУ

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска изјави дека е неопходно да се направи разлика помеѓу ставовите на Бугарија и останатите земји членки на Европската Унија кои го признаваат македонскиот идентитет и јазик, кога станува збор за билатералните прашања.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска изјави дека е неопходно да се направи разлика помеѓу ставовите на Бугарија и останатите земји членки на Европската Унија кои го признаваат македонскиот идентитет и јазик, кога станува збор за билатералните прашања.

Според него, за нас е добредојдено сè што прави разлика помеѓу билатерална позиција на Бугарија, и заедничка позиција на сите земји членки на ЕУ, со тоа што би се издвоило што е прашање на билатерален идентитетски аспект, и што е прашање на пристапување во Унијата.

-Мислам дека поединечно ако ги слушаме сите 26 други земји, сите го признаваат и македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Тоа не е спорно. Меѓутоа со Резолуцијата, нивната волја дополнително ќе се потврди. Затоа ние инсистираме да се разделат позициите на другите земји членки и Бугарија, по однос на билатералното прашање, изјави министерот по денешната тркалезна маса „Геополитичкиот пејзаж и проширувањето на ЕУ: Перспективи за Северна Македонија и другите земји-кандидатки од Западен Балкан“ што се одржа денеска во Македонската академија на науките и уметностите.

Во однос на реформите и уставните измени, Муртезани нагласи дека процесот е во тек, но дека за вклучување на Бугарите во Уставот е потребен поширок политички договор.

-Првиот дел е што се однесува до реформите и којшто е се работи во континуитет. Дел од реформите се спроведуваат со поголем интензитет, дел со намален интензитет. Меѓутоа тоа е процес којшто оди. Што се однесува до вториот дел од прашањето, односно вклучување на Бугарите во преамбулата на нашиот Устав, тоа е прашање за коешто треба поширок политички консензус и двотретинско мнозинство во Собранието. Сѐ додека немаме широк политички консензус и двотретинско мнозинство во Собранието, а пред тоа треба сите тие наши грижи или барања да бидат ставени на маса, и разговарани, нема да има политички простор да направиме чекор напред, рече Муртезани.

Околу можноста за внесување на придавка „модерна“ пред македонски јазик и идентитет во извештајот на Европскиот парламент, министерот повика на трпение и воздржаност.

-Прво мислам дека не треба од сега да прејудицираме. Да видиме како ќе се одвива процесот до крај. Ние се надеваме дека тоа што помина во првиот чекор треба да се заврши во вториот. Меѓутоа тоа е прашање на внатрешен политички консензус во ЕП. Секако дека ние би сакале идентитетот да остане таков како што ние сметаме и го чувствуваме, меѓутоа да чекаме финална одлука па после ќе видиме, порача министерот.

Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент со 40 гласови „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“ го усвои Предлог-извештајот за земјава подготвен од австрискиот европратеник Томас Вајц.

По гласањето бугарски европратеник најави дека како додаток на Извештајот ќе предложат дополнение со „мислење на малцинството“.

Бше поднесен амандман по скратена постапка за вметнување на зборот „модерен (современ)“ пред македонски јазик и идентитет во Извештајот, но согласно Деловникот за работа, тој не беше ставен на гласање затоа што против таквиот предлог се изјаснија најмалку шест пратеници членови на АФЕТ. Деловникот предвидува дека предложен амандман нема да биде ставен на гласање, доколку против предлогот се изјаснат најмалку петмина европратеници.

Извештајот треба да се најде на пленарна седница на Европскиот парламент на заседанието од 7 до 10 јули во Стразбур.