
Според Радев бугарските политичари може да решаваат за туѓ идентитет
Бугарскиот претседател Румен Радев испрати остро предупредување до европските институции и земјите-членки на ЕУ поради одлуката за признавање на македонскиот јазик и идентитет, тврдејќи дека тоа е „морална и научна“ тема надвор од правните овластувања на парламентот.
Бугарскиот претседател Румен Радев испрати остро предупредување до европските институции и земјите-членки на ЕУ поради одлуката за признавање на македонскиот јазик и идентитет, тврдејќи дека тоа е „морална и научна“ тема надвор од правните овластувања на парламентот.
Радев посочува дека бугарската страна не прифаќа никакви промени на досегашниот европски компромис и ги осудува „етноцентричните националистички наративи“ од Скопје. Тој предупредува дека властите во Северна Македонија немаат намера да ги спроведуваат договорените европски обврски и бара силна поддршка од ЕУ за заштита на правата на Бугарите во соседната држава. Ова е целото писмо на шефот на бугарската држава до ЕУ според кое испаѓа дека само бугарските политичари имаат право да решаваат за туѓи идентитети, па и тогаш кога ја користат ЕУ за да наметнуваат свои одлуки околу вакви прашања.
„Причината за моето обраќање до вас е развојот на случајот со извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Република Северна Македонија во процесот на преговори за членство во ЕУ. Планираното гласање за нацрт-извештајот во Комитетот за надворешни работи на ЕП на 4 јуни годинава беше одложено и се одржа денес. За време на денешното гласање беше даден устен предлог да се додаде појаснувањето „модерен“ /во смисла на современ/ пред македонскиот идентитет и јазик, за кое за жал не беше дозволено да се гласа по внимателно подготвени процедурални потези.
Од самиот почеток, случајот со овој извештај предизвика бран на негодување и критики во Бугарија против постапките и пристапите во неговата подготовка. Фактот дека почитувана институција како што е Европскиот парламент се изјаснува за категории од морална природа или специфично научен фокус како што се „идентитет“ и „јазик“ е загрижувачки, во отсуство на законска основа и релевантни надлежности. Ваквите упатувања на „јазик и идентитет“ без конкретна дефиниција ризикуваат слободни толкувања што нашите југозападни соседи веќе ги прават со своите претензии за „вековниот македонски идентитет“.
Околностите околу подготовката на извештајот се вознемирувачки, откако се дозна дека неговиот текст протекол до РСМ, а премиерот на таа земја јавно се пофали дека Македонија соработувала со европратениците со месеци и влијаела врз некои од тезите во него. Бројните нерегулирани средби на известувачот Вајц со политичари и експерти од Македонија (објавени дури по јавно известување за неправилности во подготовката на извештајот), исто така, предизвикаа збунетост. Воопшто нема такви проверки за коизвестувачот. Откритијата покренуваат голем број прашања за интегритетот и транспарентноста во работата на одредени европратеници и административни службеници.
Ја поздравувам одлуката на Европскиот парламент да ги отфрли тврдењата за „вековен македонски идентитет“ и да спречи нови обиди за промовирање на етноцентричниот националистички наратив на оние на власт во Скопјe. Таквиот пристап се соочува и со другите етнички заедници во РСМ и со двата милиони бугарски граѓани, кои се и граѓани на ЕУ, со етничко потекло од територијата на денешна Северна Македонија.
Во исто време, антибугарската кампања во РСМ се одвива со несмалено темпо. Неприфатливо е земја која е кандидат за членство во ЕУ и гласно рекламира дека одамна ги исполнила сите критериуми за членство, отворено гони свои граѓани кои се самоидентификуваат како Бугари. Нашата земја долго време ги информираше европските институции за притисокот и дискриминацијата на кои се изложени Бугарите во Република Северна Македонија. Локалниот суд одбива да поднесе образложени случаи против сторителите на вакви дела, гарантирајќи ја нивната неказнивост. Неодамна, локалниот Бугарин Љупчо Георгиевски, претседател на распуштениот Културен центар „Иван Михајлов“ – Битола, беше осуден во Македонија по апсурдното обвинение за ширење омраза, ксенофобија и дискриминација. Еден од амандманите што нашата земја ги предложи на нацрт-извештајот усвоен денес беше во врска со случајот „Георгиевски“, но за жал и тој остана надвор од видното поле на европските пратеници.
Бугарија останува посветена на сите елементи од европскиот консензус од 2022 година, чија имплементација е единствената можност за европска интеграција за нашиот југозападен сосед. Досегашните обиди да се мотивира владата во Скопјe преку отстапки од овој консензус не доведоа до посакуваниот резултат. Напротив, владата во Скопјe сè поотворено демонстрира дека нема да се придржува кон овој тешко постигнат компромис, прифатен и од Македонија, што значи дека всушност немаат намера да ја реализираат европската интеграција на земјата.
Ве молам прифатете ги моите уверувања дека Бугарија нема да прифати никаква замена на тешко постигнатиот европски компромис. Правата на Бугарите во Република Српска Македонија не можат да бидат предмет на политички преговори. Зајакнувањето на довербата во европските институции, особено во време на криза, е наша заедничка должност и сметам на вашата соработка во ова“, стои во писмото на Редев до Брисел.
По ваквиот развој на настаните во ЕП реагираше и министерот Тимчо Муцунски, но од НАТО, а не од ЕУ, каде што присуствува на самитот. Тој соопшти дека епилогот на овие преписки е што денес нема да има средба меѓу претседателката Гордана Сиљановска Давкова и бугарскиот премиер. Притоа тој ја обвини Софија за дестабилизација на регионот.
„Жалам што актуелната бугарска влада, а и бугарските европратеници, со своето дејствување – она што го гледаме во Брисел – влегуваат во рускиот наратив за дестабилизација на регионот. Стабилноста на Западен Балкан најлесно ќе се обезбеди преку извесна европска интеграција на целиот регион. Како можеме да ги надминеме предизвиците и да работиме за стабилизација на Западен Балкан? Секако преку дијалог – истакна министерот, додавајќи дека е разочаран што, според последните информации, не се очекува да се одржи средба меѓу двете земји на маргините на самитот.
Муцунски упати и јавна порака за отвореност на Владата на Северна Македонија за разговор со бугарската страна, на кое било ниво.
– Јавно порачувам, Владата е подготвена за средби на секое ниво, претседател со претседател, премиер со премиер, министер со министер. Така и ќе продолжиме да се однесуваме – нагласи тој.
На темата реагираше и премиерот Христијан Мицкоски кој преку интервју порача дека во 21 век некој сака да создава вештачка нација и идентитет. Според него, не е победа туку разочарување предлог-амандманот со кој се бара во извештајот за земјава да се вметне додавката „модерен“ пред македонски јазик.
„Во 21. век во Европа бевме сведоци на обид за создавање на вештачка нација и идентитет, бидејќи тој амандман којшто денеска беше предложен де факто е обид да се создаде некоја нова ‘модерна’ македонска нација, или некој нов ‘модерен’ македонски јазик што е само по себе преседан. Јас сум како човек и како Македонец разочаран, така што не го доживувам ова како успех, туку како нешто што за нас претставуваше пречка која што ја поминавме, но не е тоа доволно“, рече Мицкоски во интервјуто за МРТ.
Оттука заклучи дека проблемот не бил во промената на Уставот туку во македонскиот идентитет и јазик.
„Успеавме во таа голема намера да покажеме дека не е промената на Уставот последна. Тоа е почеток на еден процес кој што нема да има крај. И ние ќе се бориме од внатре. И знам дека за идните генерации ќе оставиме добра подлога. Барем јас додека ја предводам Владата, нема да се чувствува Македонија понижена“, рече Мицкоски.
Премиерот рече дека извештајот за напредокот на земјава, кој во првата половина на јули треба да се најде на пленарна седница на Европскиот парламент, меѓу 8 и 9 јули повторно може да биде нападнат со сличен амандман, што, како што рече, само по себе преседан бидејќи еднаш е поразен на Комисијата на ЕП.