
Новиот цензус ја одложи постапката за репрезентативност на синдикатите
Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески тврди дека Економско -социјалниот совет работи.
Економско-социјалниот совет (ЕСС) работи со полна пареа, откако имаше застој поради немање на репрезентативност на синдикатите, тврди заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, кој во Штип одговараше на прашањето до каде е работата на ЕСС и има ли можност до крајот на месецов да има и седница.
-Максимално се бројат апликациите од одредени синдикати. Меѓутоа кога имаше состанок на целокупната Влада и Министерството за економија и труд со повеќето синдикати во Македонија, едно од барањето на сите синдикати беше да се намали цензусот за добивање бројка на репрезентативност. Тој процес е во тек во Парламентот, кога ќе биде донесен законот, исто така ќе биде известена јавноста – рече Ристески.
Прашан дали има седници на ЕСС, Ристески даде потврден одговор и вели има седници, а во моментов е и период на користење на годишни одмори. Тој дополни дека од 1 јули ќе работи Комисијата за утврдување на репрезентативност на синдикатите.
-Така што, после 1 јули, почнува да работи турбо, како што и претходно работеше. Можам да ги пофалам дека работат одлично и транспарентни, конструктивни и работат сите заедно. Таму знаете дека Комисијата работи во полн состав и се присутни и Организацијата на работодавачи и претставниците од Владините органи. Меѓутоа и синдикатите – изјави Ристески.