
Пониква не е содветна за нега на повредените од Кочани, вели СДСМ
Најавата дека Владата планира да го отстапи одморалиштето на Пониква како објект за продолжена медицинска нега и рехабилитација на повредените во трагичниот пожар во Кочани отвора сериозни прашања околу професионалноста, одговорноста и капацитетите на институциите. Наместо да биде акт на грижа, оваа одлука изгледа како импровизација на сметка на здравјето на веќе трауматизирани и повредени граѓани, реагира денеска СДСМ.
Најавата дека Владата планира да го отстапи одморалиштето на Пониква како објект за продолжена медицинска нега и рехабилитација на повредените во трагичниот пожар во Кочани отвора сериозни прашања околу професионалноста, одговорноста и капацитетите на институциите. Наместо да биде акт на грижа, оваа одлука изгледа како импровизација на сметка на здравјето на веќе трауматизирани и повредени граѓани, реагира денеска СДСМ.
Од партијата велат дека одморалиштето „Пониква“ е објект стар повеќе децении, наменет за одмор и рекреација, а не за медицински третман. Дали воопшто е проценето дали објектот ги исполнува техничко-технолошките стандарди, хигиенските и стерилни услови кои се минимално потребни за лекување на лица со изгореници и психо-физички трауми?
Според партијата, Македонија располага со повеќе објекти наменети за долготрајна нега и рехабилитација: Јасеново, Отешево, Лешок, па дури и делови од постојните клиники и болници кои можеа да бидат пренаменети и опремени. Зошто ниту еден од овие капацитети не беше земен предвид? Зарем здравствениот систем не знае со што располага?
СДСМ поставува неколку прашања до властите:
– Дали објектот е прегледан и одобрен од Државниот здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и стручен медицински тим?
– Кој ќе гарантира дека условите во „Пониква“ не се опасни по здравјето на пациентите?
– Каков персонал ќе работи таму? Има ли стручни медицински лица, Доктори, физиотерапевти, психолози кој би се нафатиле да работат во субстандардни услови?
Повредените во пожарот во Кочани заслужуваат рехабилитација во современи, професионални и безбедни услови – а не сместување во објект чија намена, состојба и безбедносни стандарди се сомнителни.
„Ако државата навистина сака да покаже грижа, нека го стори тоа со дела, не со маркетинг. Во спротивно, оваа мерка ќе остане уште еден доказ за импровизираното менаџирање на кризи и за политичко прикривање на институционалната неподготвеност“, велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ веднаш реагираа велејчи дека СДСМ прави политика и од ова прашање.
Од владејачката партија велат дека ставањето во употреба на одморалиштето било проценка на стручен здравствен тим од лекари на Министерството за здравство, а меѓу другото е и барање на самите пациенти. Одморалиштето целосно подготвено ќе ги дочека првите пациенти, по направената дезинфекција, дератизација и дезинфекција од Центарот за јавно здравје од Кочани. Во тек се и градежни зафати и адаптирање на одморалиштето за потребите на пациентите.
Притоа, ВМРО-ДПМНЕ ги нарече глупости вчерашните изјави на в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, кој рече дека на Пониква (која е на 1.560 метри надморска висина) имало наезда на комарци, повеќе од низината каде е градот Кочани, каде истиот тој има пропадната процедура за прскање против комарци.